Линкови за пристапност

САД нема да може да ги платат сметките без да се зголеми лимитот на долгот, предупреди Јелен


Претседателот на САД Џо Бајден и републиканскиот спикер на Претставничкиот дом Кевин Мекарти вечерва се среќаваат за да преговараат за задолжувањето
Претседателот на САД Џо Бајден и републиканскиот спикер на Претставничкиот дом Кевин Мекарти вечерва се среќаваат за да преговараат за задолжувањето

Одделот за финансии на САД повтори дека очекува оти може да ги плати сметките на американската влада само до први јуни без зголемување на лимитот на долгот, оставајќи само 10 дена за преговарачите од Белата куќа и републиканците од Конгресот да постигнат договор.

Во своето трето писмо до Конгресот за три недели, секретарката за финансии Џенет Јелен рече дека е „многу веројатно“ дека агенцијата нема да ги исполни сите обврски за плаќање на американската влада до почетокот на јуни, а веќе на први јуни, без конгресна акција за зголемување на горната граница на долгот од 31,4 трилиони американски долари, ќе дојде до прво неплаќање на долговите на САД.

„Со дополнителна недела достапни информации, пишувам за да забележам дека проценуваме дека е голема веројатноста Одделот за финансии повеќе да не може да ги задоволи сите обврски на владата доколку Конгресот не постапил за да го зголеми или суспендира лимитот на долгот до почетокот на јуни, а потенцијално уште на 1 јуни“, рече таа.

Јелен рече дека проценките, во согласност со нејзиното последно писмо до Конгресот на 15 мај, се засноваат на моментално достапните податоци, но федералните приходи, трошоците и долгот сè уште може да варираат.

Таа рече дека ќе го ажурира Конгресот кога ќе станат достапни повеќе информации.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој го прекина своето патување во Азија за да преговара за договорот за лимитот на долгот, вечерва се среќава со републиканскиот спикер на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, откако нивните помошници се состанаа повеќе од два часа денес.

Мекарти им рече на новинарите дека разговорите се „на вистинскиот пат“ пред состанокот.

Јелен постојано предупредуваше дека неуспехот на Конгресот да го крене федералниот лимит за задолжување ќе доведе до „економска и финансиска катастрофа“ за САД и за глобалните економии.

Таа рече дека трошоците за задолжување веќе се зголемени и го повика Конгресот да дејствува што е можно поскоро за да се избегнат негативните последици што би можеле да дојдат дури и пред неисполнување на обврските.

„Од минатите ќорсокаци на лимитите на долгот научивме дека чекањето до последен момент за суспендирање или зголемување на лимитот на долгот може да предизвика сериозна штета на бизнисот и довербата на потрошувачите, да ги зголеми краткорочните трошоци за задолжување за даночните обврзници и негативно да влијае на кредитниот рејтинг на САД“, напиша таа.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG