Линкови за пристапност

Бајден и Мекарти не се договорија околу лимитот на државниот долг, но ќе продолжат да разговараат


Бајден го нарече состанокот продуктивен и рече дека „сите ги разбраа ризиците од неплаќање“
Бајден го нарече состанокот продуктивен и рече дека „сите ги разбраа ризиците од неплаќање“

Претседателот на САД Џо Бајден и највисоките законодавци не успеаја да го надминат ќорсокакот во разговорите лице в лице за зголемувањето на лимитот на американскиот долг од 31,4 трилиони долари, но ветија дека ќе се сретнат повторно.

По околу еден час разговори во Овалната канцеларија, Бајден и спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, не покажаа знаци за омекнување на нивните позиции, иако САД би можеле да го достигнат лимитот на задолжување на први јуни.

Но, разговорите меѓу двете страни може да продолжат уште вечерва за федералниот буџет.

Бајден го нарече состанокот „продуктивен“ и објави дека Мекарти за време на состанокот рекол дека САД нема да потфрлат да го платат долгот.

„Сите на состанокот ги разбраа ризиците од неплаќање“, рече Бајден.

Мекарти го истакна недостатокот на напредок.

„Не видов никакво ново движење“, им рече Мекарти на новинарите по состанокот, жалејќи се дека Бајден не се согласил на разговори пред времето да почне да истекува.

„Тоа не е начин да се владее“, рече тој. Белата куќа, рече тој, „нема план Б“.

Но, тој рече дека двете страни се договориле нивниот персонал да се собере оваа недела, а директорите повторно да се сретнат в петок за да продолжат да разговараат.

Економистите предупредуваат дека долготрајното неплаќање може да ја доведе американската економија во длабока рецесија со зголемена невработеност, истовремено дестабилизирајќи го глобалниот финансиски систем изграден на американски обврзници.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG