Линкови за пристапност

САД не се во војна со Русија, ова е борба на Украина, рече Остин


Нашата цел е да осигураме дека правиме се` што можеме за Украина да биде успешна, изјави секретарот за одбрана на САД
Нашата цел е да осигураме дека правиме се` што можеме за Украина да биде успешна, изјави секретарот за одбрана на САД

Американските одбранбени лидери беа внимателни да направат разлика дека и покрај континуираната поддршка на Вашингтон за Украина во нејзината борба против Русија, САД не се во војна со Русија.

На прес-конференцијата по виртуелниот состанок на десетици земји кои воено ја поддржуваат Украина, секретарот за одбрана Лојд Остин одговори на загриженоста дека американски воени возила, наводно биле користени при упад во Русија во понеделникот, и оти тоа може да се искористи како изговор од Москва да ги вовлече САД директно во војната.

„Ние не сме во војна со Русија. Ова е борба на Украина. Нашата цел е да осигураме дека правиме се` што можеме за Украина да биде успешна“, рече Остин.

САД долго време бараат од Украина да не користи американско вооружување на руска територија, изјави вчера претседателот на Здружениот генералштаб, армискиот генерал Марк Мили.

„Можам да кажам дека побаравме од Украинците да не користат опрема обезбедена од САД за директни напади во Русија“, рече Мили.

„Ова е украинска војна. Тоа не е војна меѓу САД и Русија. Тоа не е војна меѓу НАТО и Русија“.

Американските сили се очекува да започнат обука на Украинците за тенковите Абрамс М1А1 некаде во текот на следната недела, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер.

Околу 250 Украинци пристигнуваат во Германија оваа недела на обука, изјави за Гласот на Америка висок воен функционер запознаен со обуката, под услов да остане анонимен за да разговара за безбедносни прашања.

Украинците ќе тренираат на 31 тенк Абрамс кои пристигнаа во Германија претходно овој месец.

Американските власти соопштија дека различен сет од 31 тенк М1А1 Абрамс се обновува во САД и ќе биде испорачан во Украина до есен.

Обуката во Германија се очекува да трае околу 10 недели и ќе се фокусира на тоа како да управуваат со тенковите, како да маневрираат со тенковите во комбинирана борба со оружје и одржување на тенковите, рече претставникот.

Таа ќе биде слична на претходната обука предводена од САД за оклопни борбени возила „Бредли“ и возила „Страјкер“, кои ѝ беа обезбедени на Украина претходно оваа година, според официјалниот претставник.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG