Линкови за пристапност

Проблемите со софтверот ги одложија испораките на американските борбени авиони Ф-16 во Тајван


Тајванската нарачка од 66 напредни нови борбени авиони Ф-16В од Соединетите Држави нема да биде завршена до 2026 година поради софтверски проблеми, изјави денес министерот за одбрана Чиу Куо-ченг.

Претходно овој месец, министерот за одбрана на Тајван рече дека доцнењето е резултат на прекини во синџирот на снабдување, но денес додаде дека застојот се должи на софтверски проблеми со контролата на летот.

„Во принцип до 2026 година, сите 66 авиони ќе пристигнат. Нема апсолутно никаков проблем со тоа“, им рече Чиу на новинарите во парламентот.

САД одобрија продажба на борбени авиони Ф-16 на Локхид Мартин во вредност од осум милијарди долари на Тајван во 2019 година. По договорот на Тајван ќе има повеќе од 200 борбени авиони, најмногу во Азија, според Ројтерс.

Зголемувањето на одбраната е важно за Тајван поради зголемената загриженост дека Кина сака да го нападне островот - за кој Пекинг тврди дека е негов – и ако треба ќе употреби сила.

Од минатата година, Тајван се жали на доцнење на испораките на американско оружје, вклучувајќи ги и противвоздушните ракети Стингер. Производителите ги свртеа испораките кон Украина по инвазијата на Русија минатата година.

Но, за комитетот на Претставничкиот дом на Кинеската Комунистичка партија, испораката на оружје до Тајван е итен приоритет.

Во средата, комитетот усвои 10 политички препораки за Конгресот, вклучително и дека САД треба да ја достават „заостанатата“ воена опрема што Тајван ја нарача. Неколку други препораки, исто така, се однесуваат на зајакнување на одбранбените способности на Тајван.

Првите два Ф-16 во нарачката требаше да бидат испорачани меѓу октомври и декември оваа година, но тоа е одложено за периодот меѓу јули и септември 2024 година, изјавија тајванските власти овој месец.

Портпаролот на Локхид, Лиз Луц, изјави за Блумберг дека компанијата „тесно соработува со американската влада за да одговори на предизвиците за поддршка на безбедносните цели на САД“.

За време на посетата на Тајван минатиот месец, конгресменот Мајкл Мекол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, рече дека се обидува да ја забрза испораката на оружје.

Некои информации во овој извештај се од Ројтерс.

XS
SM
MD
LG