Американската секретарка за финансии Џенет Јелен изјави денес дека американските и европските лидери мора да се осврнат на индустриските политики на Кина кои претставуваат закана за индустриите за чиста енергија ширум светот.
„Кинескиот индустриски капацитет моментално води кон производство што значително ја надминува глобалната побарувачка во клучните сектори, вклучувајќи електрични возила, литиум-јонски батерии и соларна енергија“, рече таа за време на говорот во Франкфурт.
Јелен рече дека таа и американскиот претседател Џо Бајден ќе преземат акција за заштита на работниците и фирмите во стратешките сектори.
„Индустриската политика на Кина може да изгледа далечна додека седиме овде во оваа просторија, но ако не одговориме стратешки и на обединет начин, одржливоста на бизнисите и во нашите земји и во светот може да биде загрозена“, рече Јелен.
Таа ги предупреди кинеските власти во април дека САД нема да прифатат прекумерно производство по пониски цени што ги преплавуваат глобалните пазари.
„Ја видовме оваа приказна и претходно“, им рече Јелен на новинарите минатиот месец.
„Пред повеќе од една деценија, огромната владина поддршка на НР Кина доведе до поевтин кинески челик кој го преплави глобалниот пазар и ги уништи индустриите низ светот и во САД“.
Таа додаде дека Бајден „нема да ја прифати таа реалност повторно“.
Администрацијата на Бајден минатата недела објави нови царини за кинеските стратешки индустрии, вклучувајќи челик, соларни, електрични возила и делови за батерии.
„Сакаме да видиме здрави зелени технолошки сектори, од иновативни старт-ап до зелени производствени фабрики, во САД, Европа и ширум светот, не само во Кина“, рече Јелен.
Некои информации во текстот се од агенцијата Франс-прес и Ројтерс