Линкови за пристапност

Своето влијание на Западен Балкан Москва го остварува преку три столба


Своето влијание на Западен Балкан Москва го остварува преку три столба – енергетска зависност, нестабилност во односите Белград-Приштина и поддршката кај дел од населението, анализираат познавачите на регионалните состојби. Нивните предупредувања изнесени на дебатата организирана од Белградскиот центар за безбедносна политика, посветена на руската агресија врз Украина, е дека треба особено да се внимава на третиот елемент – чувствата на блискост со Русија кај дел од популацијата на Балканот.

„Оваа војна донесе своевидна реалност – дека руското предизвикување на регионот не е преку воено присуство, не се коруптивни бизнис-зделки, не е преку разузнавачки активности, туку е фактот дека Русија тоа го прави во делот на чувствата на населението. Во колективната психа на голем дел од населението тоа е начин на кој се уште можете да го искажете своето незадоволство од Западот“, рече Вук Вуксановиќ од белградскиот центар за безбедносна политика.

Ваквото расположение кај дел од граѓаните, според аналитичарите, го користат некои политички елити во регионот како начин за поткусурување со Европска Унија и обид за заплашување на Западот. Она што треба, велат, е поголемо присуство на ЕУ.

„Како што кажа претседателот на Северна Македонија, Западен Балкан е мекото ткиво на европската безбедносна архитектура. Инциденти и тензии во и меѓу земјите од регионот може да создадат проблеми и за Европа. Затоа безбедносната архитектура на Балканот треба да се зголеми, а тоа е преку динамизирана евроинтеграција на Западен Балкан. ЕУ може да ги натера раководствата на земјите од регионот да избегнуваат дестабилизирачки чекори, а Унијата како најголем економски партнер во регионот има начини како тоа да го направи“, вели Игор Фејдик од центарот за воени студии за разоружување.

Сугестиите се дека најавената нова европска безбедносна структура, изнудена по војната иницирана од Москва, треба да се темели на зајакнато трансатлантско партнерство и дека Западен Балкан мора да биде нејзин составен дел. Друго сериозно прашање поврзано со прорускиот сентимент во регионот, пред се во Србија, се дезинформациите.

„Руската пропаганда се шири преку српски медиуми - дека Крим е руски, дека во Киев е влада која е нелегитимна која дошла преку државен преврат. Тоа се наративи кои се шират преку медиумите и социјалните мрежи и во тоа верува српското население“, рече Катерина Шимкевиќ од институтот Запорожје.

На опасноста од руските дезинформации предупреди и Џејмс Рубин, специјалниот претставник и координатор на центарот за глобален ангажман на Стејт департментот, за време на неговата неодамнешна посета на регионот. Тој порача дека Москва води пропагандна војна во регионот и дека Србија е една од главните „бази“ од каде тргнуваат руските манипулации во регионот.

XS
SM
MD
LG