Линкови за пристапност

Сè уште сме во борба за душата на Америка, рече Бајден


Во најавата за реизбор во триминутно видео, претседателот на САД рече дека „прашањето со кое се соочуваме е дали во годините што следат ќе имаме повеќе или помалку слобода, повеќе  или помалку права“
Во најавата за реизбор во триминутно видео, претседателот на САД рече дека „прашањето со кое се соочуваме е дали во годините што следат ќе имаме повеќе или помалку слобода, повеќе  или помалку права“

Претседателот Џо Бајден денес официјално објави дека се кандидира за реизбор во 2024 година, барајќи од гласачите да му дадат повеќе време да ја „заврши оваа работа“ и да го продолжи мандатот на најстариот американски претседател за уште четири години.

Бајден, кој би имал 86 години на крајот на вториот мандат, верува дека неговите законодавни достигнувања во првиот мандат и повеќе од 50-годишното искуство во Вашингтон ќе значат повеќе од загриженоста за неговата возраст.

Тој се соочува со мазен пат да ја добие номинацијата на неговата партија, без сериозни демократски предизвикувачи. Но, тој сè уште е подготвен за тешка борба да го задржи претседателството во длабоко поделената држава.

Во своето прво јавно појавување по објавувањето на кандидатурата, Бајден понуди преглед за тоа како планира да се движи во двојните улоги на претседател и претседателски кандидат.

Најавата за претседателска кампања на Бајден, во триминутно видео, доаѓа на четиригодишнината од кога тој најави трка за Белата куќа во 2019 година, ветувајќи дека ќе ја излечи „душата на нацијата“ среде турбулентното претседателствување на Доналд Трамп.

„Реков дека сме во борба за душата на Америка и сè уште сме“, рече Бајден. „Прашањето со кое се соочуваме е дали во годините што следат ќе имаме повеќе или помалку слобода, повеќе или помалку права“

Иако можноста за реизбор беше дадена за повеќето модерни претседатели, тоа не беше секогаш случај за Бајден. Забележителен дел од демократските гласачи посочија дека би сакале тој да не се кандидира, делумно поради неговата возраст.

Бајден ги нарече тие грижи „целосно легитимни“, но тој не се осврна директно на проблемот во неговото видео.

„Слобода. Личната слобода е основна за тоа кои сме ние како Американци. Нема ништо поважно. Ништо посвето“, рече Бајден во видеото, прикажувајќи ги републиканските екстремисти како се обидуваат да го ограничат пристапот до абортус, да го намалат социјалното осигурување, да ги ограничат гласачките права и да ги забранат книгите со кои не се согласуваат.

„Ширум земјата, екстремистите на МАГА се редат за да ги одземат тие основни слободи“.

Бајден ги помина своите први две години како претседател во борбата против пандемијата на коронавирус и туркајќи ги главните нацрт-закони како двопартискиот инфраструктурен пакет и законодавството за промовирање на високотехнолошките производствени и климатски мерки.

Претседателот, исто така, има повеќе политички цели и неисполнети ветувања од неговата прва кампања што бара од гласачите да му дадат уште една шанса да ги исполни.

„Да ја завршиме оваа работа. Знам дека можеме“, рече Бајден во видеото, повторувајќи ја мантрата што ја кажа десетина пати за време на неговото обраќање за состојбата на нацијата во февруари.

Потпретседателката Камала Харис, која беше истакната покрај Бајден во видеото, планира да присуствува на политички митинг на Универзитетот Хауард во Вашингтон вечерва за поддршка на пристапот до абортусот, со што ќе ги започне сопствените напори за реизбор.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG