Линкови за пристапност

Руските терористи мора да одговараат, рече Зеленски за нападот во кој загинаа најмалку 37 луѓе


Меѓу целите погодени во нападот во повеќе градови беше и детската болница во Киев, дел од дневната серија напади што градоначалникот Виталиј Кличко ги опиша како еден од најголемите во војната
Меѓу целите погодени во нападот во повеќе градови беше и детската болница во Киев, дел од дневната серија напади што градоначалникот Виталиј Кличко ги опиша како еден од најголемите во војната

Украина прогласи ден на жалост денес, а Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) треба да одржи итен состанок, по баражот руски проектили во кои загинаа најмалку 37 луѓе, а повеќе од 170 други беа повредени.

Меѓу целите погодени во нападот во повеќе градови беше и детската болница во Киев, дел од дневната серија напади што градоначалникот Виталиј Кличко ги опиша како еден од најголемите во војната.

„Руските терористи мора да одговараат за ова“, изјави доцна вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Само загриженоста не го спречува теророт. Сочувството не е оружје. Треба да ги собориме руските ракети. Руските борбени авиони мора да бидат уништени таму каде што се сместени. Мора да се преземат силни чекори за да се елиминира секаков безбедносен дефицит“.

Откако лидерите на НАТО го отворија Самитот денес во Вашингтон, Зеленски, исто така, рече дека светот има способност да ѝ го обезбеди на Украина она што ѝе потребно и дека таквите одлуки „се потребни што е можно поскоро“.

Американскиот претседател Џо Бајден ги нарече руските ракетни напади „ужасен потсетник за руската бруталност“ и вети „непоколеблива“ поддршка на САД за Украина.

„Заедно со нашите сојузници, ќе објавиме нови мерки за зајакнување на воздушната одбрана на Украина за да помогнеме во заштитата на нивните градови и цивили од руските напади. САД го поддржуваат народот на Украина“, рече Бајден во изјавата доцна вчера.

Украина постојано бара помош од своите сојузници за да ја подобри својата противвоздушна одбрана од секојдневните руски напади и се залага оние што обезбедуваат оружје да дозволат нивна употреба во напади врз воени цели внатре во Русија.

Пентагон на брифингот вчера со новинарите повтори дека политиката на САД останува дека поединечните земји имаат способност да ги дефинираат своите услови и дека САД го овластуваат своето оружје да се користи во украинските напади против цели кои ја погодуваат Украина од области кои не се длабоко во Русија.

„Знаеме дека Русија има способности што ги користи длабоко во Русија за да ја нападне Украина. Нашиот фокус е на обезбедување на Украина со капацитетите што ѝ се потребни за да се одбрани и да го брани нејзиниот суверенитет. Затоа, немам никакви промени во овој момент“, рече портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер, како одговор на прашање од Гласот на Америка.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги осуди руските напади, нарекувајќи ги нападите врз болницата во Киев и на друга медицинска установа во главниот град „особено шокантни“, изјави портпаролот Стефан Дујарик.

„Насочувањето на напади врз цивили и цивилни објекти е забрането со меѓународното хуманитарно право, а сите такви напади се неприфатливи и мора веднаш да завршат“, рече Дујарик.

Руското министерство за одбрана соопшти дека нападите биле насочени кон украинските одбранбени постројки и воени воздушни бази и биле успешни, негираше дека целеле кон цивилни објекти и без докази тврди дека сликите од Киев укажуваат на тоа дека штетата била предизвикана од украинска ракета за воздушна одбрана.

Руското министерство за одбрана во вторникот соопшти дека соборило 38 украински воздушни беспилотни летала над регионите Белгород, Курск, Воронеж, Ростов и Астрахан.

Некои информации во текстот се од Ројтерс, Франс-прес и Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG