Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов пристигна денес во Северна Кореја на разговори со севернокорејските воени и политички лидери, како што земјите ја продлабочуваат соработката околу руската војна во Украина.
Во најавата за посетата, руското Министерство за одбрана не соопшти со кого ќе се сретне Белоусов или за целта на разговорите.
Државните медиуми на Северна Кореја веднаш не ја потврдија посетата.
Белоусов, поранешен економист, го замени Сергеј Шојгу како министер за одбрана во мај, откако рускиот претседател Владимир Путин го започна петтиот мандат на власт.
Фотографиите објавени од Министерството за одбрана го прикажуваат Белоусов како оди заедно со севернокорејскиот министер за одбрана на црвен тепих на аеродромот во Пјонгјанг.
Воени претставници на Северна Кореја беа видени како ракоплескаат под транспарент на кој пишуваше „Целосна поддршка и солидарност со борбената руска армија и народ“.
Белоусов по пристигнувањето истакна дека воената соработка меѓу земјите се проширува.
Тој го поздрави договорот за стратешко партнерство потпишан од Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун по нивниот јунски состанок во Пјонгјанг, за кој рече дека има за цел да ги намали тензиите преку одржување на „рамнотежа на силите“ во регионот и намалување на ризикот од војна, вклучително и со нуклеарно оружје.
Состанокот во јуни го покажа „највисокото ниво на взаемна доверба“ меѓу лидерите, рече Белоусов, и „исто така заемната желба на нашите земји дополнително да ја прошират заемно корисната соработка во сложена меѓународна средина“.
Севернокорејскиот министер за одбрана ја пофали проширената соработка меѓу војските на земјите и ја повтори поддршката на Северна Кореја за руската војна во Украина, опишувајќи ја како „праведна борба за заштита на суверените права и безбедносните интереси на земјата“.
Посетата доаѓа неколку дена откако јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол се сретна со украинската делегација предводена од министерот за одбрана Рустем Умеров во главниот град на Јужна Кореја Сеул, и ги повика двете земји да формулираат контрамерки како одговор на севернокорејското испраќање илјадници војници во Русија да помогне во нејзината борба против Украина.
Ким во последните месеци им даде приоритет на односите со Русија додека се обидува да излезе од изолацијата и да ја зајакне својата меѓународна основа, прифаќајќи ја идејата за „нова студена војна“.
САД и нивните сојузници рекоа дека Северна Кореја испратила повеќе од 10.000 војници во Русија во последните недели и дека некои од тие војници се вклучиле во борби.
Северна Кореја, исто така, беше обвинета за снабдување на Русија со артилериски системи, ракети и друга воена опрема, што може да му помогне на Путин дополнително да ја продолжи речиси тригодишната војна.
Во Сеул, исто така, постои загриженост дека Северна Кореја, во замена за нејзините војници и снабдување со оружје, би можела да добие руски трансфер на технологија што би можела да ги подобри нејзините нуклеарни и ракетни програми.