Јужна Кореја ја обновува својата закана дека ќе испрати оружје во Украина, неколку дена по објавувањето на разузнавачки информации во кои се тврди дека Северна Кореја планира да распореди голем број војници за поддршка на руската инвазија.
Јужна Кореја ќе ја разгледа можноста за испраќање на Украина „оружје за одбрана и напад“, според новинската агенција Јонхап, која цитираше неименуван висок претседателски функционер во вторникот.
Агенцијата, исто така, објави дека Сеул може да испрати воен и разузнавачки персонал во Украина за да ги анализира тактиките за војување на Северна кореја и да помогне во испрашувањето на заробените Корејци.
Во соопштението, Советот за национална безбедност на Јужна Кореја повика на „итно повлекување“ на трупите на Северна Кореја од Русија и вети неодредени „фазни контрамерки“.
Предупредувањето е едно од најсилните досега во Сеул, бидејќи се зголемува загриженоста поради продлабоченото учество на Северна Кореја во конфликтот во Украина.
Минатата недела јужнокорејската разузнавачка агенција соопшти дека Северна Кореја веќе испратила околу 1.500 специјални сили во Русија за да се приклучат на војната во Украина и дека планира да распореди вкупно 12.000 војници од елитната единица.
Официјални претставници на САД и НАТО рекоа дека не можат да го потврдат распоредувањето на војската на Северна Кореја, но ја осудија воената соработка меѓу Северна Кореја и Русија, вклучително и снабдувањето на Пјонгјанг со артилерија и ракети за употреба во Украина.
Западните земји долго време бараат од Јужна Кореја, еден од најголемите светски извозници на оружје, директно да ја вооружи Украина.
Јужна Кореја се спротивстави, стравувајќи дека тоа би можело да ја поттикне Русија да ги прошири воените врски со Северна Кореја, која бара напредно оружје насочено кон Сеул.