Линкови за пристапност

Русија имала 100.000 жртви за шест месеци, вели Белата куќа


Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, рече дека проценката на САД се заснова на нови декласифицирани информации на американско разузнавање
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, рече дека проценката на САД се заснова на нови декласифицирани информации на американско разузнавање

Белата куќа денес соопшти дека проценува оти за само шест месеци Русија претрпела 100.000 жртви, вклучително и повеќе од 20.000 луѓе убиени во борбите во источна Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, рече дека проценката на САД се заснова на нови декласифицирани информации на американско разузнавање.

Кирби рече дека повеќето од овие жртви се случиле за време на жестоки битки во источниот регион Доњецк, каде Русија се соочува со цврста украинска одбрана.

Кирби рече дека речиси половина од убиените од декември се членови на групата „Вагнер“. Многу осуденици од силите на „Вагнер“ неодамна беа ослободени од руските затвори во замена за борбите во Украина.

Кирби рече дека силите на „Вагнер“ биле „фрлени во борба и без доволна воена обука, борбено водство или какво било чувство за организациска команда и контрола“.

Во видеото објавено на Телеграм денес, шефот на „Вагнер“ Евгениј Пригозин се пожали дека неговите борци добиваат само една третина од 300 тони артилериски гранати потребни дневно за нападот врз Бахмут.

„Триста тони дневно се 10 товарни контејнери - воопшто не е многу“, рече Пригожин, кој често се наоѓа во конфликт со рускиот одбранбен естаблишмент поради, како што тврди, недоволната поддршка за неговите борци.

Додека Русија се бори да го опколи источниот град Бахмут, украинските трупи сè уште ја контролираат клучната рута за снабдување во Бахмут и започнаа контранапади принудувајќи ги руските трупи да напуштат некои позиции, изјави Олександр Сирски, командант на украинските копнени сили, според „Киев Индипендент“.

Сепак, тој вели дека ситуацијата во Бахмут останува „прилично тешка“, додавајќи дека „непријателот не може да ја преземе контролата врз градот“.

Украина денес соопшти дека нејзините сили одбиле повеќе од 36 непријателски напади на делот од линијата на источниот фронт што се протега од Бахмут до Маринка, западно од Доњецк, пренесува Ројтерс.

Бахмут е важна стратешка знаменитост за Русија, која вели дека неговото заземање ќе послужи како отскочна даска за понатамошни руски офанзиви во источна Украина, пренесува Ројтерс.

Дел од информациите се преземени од АП, Ројтерс и агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG