Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на вториот ден од овогодинешниот Самит за демократија во Вашингтон рече дека уставните права се скратуваат, граѓанските слободи се нагризуваат и слободата на изразување е во слободен пад.
Гутереш ги повика земјите да ја обноват довербата и да се справат со нееднаквостите. Американскиот претседател Џо Бајден, пак, најави зајакнување на неколку програми кои ја унапредуваат демократијата.
„Планираме да додадеме уште 690 милиони долари за ново финансирање на претседателската иницијатива во следните две години. И во текот на три години, мојата администрација има намера да работи со Конгресот за да издвои 9,5 милијарди долари во сите наши напори за унапредување на демократијата ширум светот“, рече Бајден.
Посебно внимание ќе се посвети на технологијата што го унапредува демократското владеење, рече тој.
На Самитот за демократија, украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој учествуваше виртуелно, го потсети светот зошто поддршката на неговата земја против руската инвазија е клучна.
„Русија долго време војува со сите вас, со демократиите во светот. Се бори преку дезинформации, мешање во изборите, шпионажа, корупција, извоз, сајбер криминал“, рече тој.
Зеленски повторно повика на повеќе оружје што би можело да ја обезбеди победата на Украина оваа година.