Линкови за пристапност

Русија почна вежби за тактичко нуклеарно оружје близу границата со Украина


Руски војници ставаат ракета Искандер на мобилен фрлач за време на вежби на непозната локација во Русија, 2 февруари 2024 година
Руски војници ставаат ракета Искандер на мобилен фрлач за време на вежби на непозната локација во Русија, 2 февруари 2024 година

Русија започна „практична обука за подготовка и употреба на тактичко нуклеарно оружје“, соопшти во вторникот нејзиното Министерство за одбрана.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди вежби на почетокот на овој месец како „одговор на провокативните изјави и заканите од западните претставници“, соопшти министерството.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека НАТО не треба да ја отфрли можноста за распоредување војници во Украина, додека британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави дека Украина има право да истрела западни проектили на руска територија.

Вежбите се спроведуваат во јужниот воен округ на Русија, кој се граничи со Украина и исто така вклучува делови од Украина за кои Русија тврди дека ги припоила.

Руското министерство за одбрана соопшти дека обуката е дизајнирана да ја тестира „подготвеноста на персоналот и опремата на борбените единици за тактичко нуклеарно оружје да одговорат и безусловно да го осигураат територијалниот интегритет и суверенитет на руската држава“.

Веднаш не беше јасно дали имало тестирања.

Западот го обвини Путин за неодговорни нуклеарни закани.

Тактичкото нуклеарно оружје е помалку моќно од стратешкото нуклеарно оружје, но исто така има капацитет да изврши разорно уништување.

Гувернерот на украинската област Харков, Олег Синиегубов, во вторникот рече дека областа била под руско бомбардирање цела ноќ, додека украинската војска соопшти дека противвоздушната одбрана на земјата соборила 28 од 29 руски беспилотни летала лансирани во повеќе украински региони.

Синиегубов рече дека остатоците од уништените беспилотни летала оштетиле неколку куќи и повредиле најмалку три лица.

Последните напади се случија откако украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно апелираше до сојузниците подобро да ја опремат Украина со системи за противвоздушна одбрана и нови борбени авиони.

„За жал, на слободниот свет сè уште му недостасува ефикасност во овие две задачи“, рече Зеленски.

„Но, ние сè уште имаме перспектива и перспективна работа со неколку партнери - и правиме сè за да бидеме сигурни дека ќе дојде денот што е можно поскоро кога ќе можеме да ја додадеме моќта на „Патриотите“ (батериите за воздушна одбрана) во нашите источни региони , нашите градови - како што се Харков, Суми и други“.

Руското министерство за одбрана во вторникот соопшти дека руската противвоздушна одбрана уништила ракета и две беспилотни летала над регионот Белгород и уште едно беспилотно летало над регионот Курск.

Вјачеслав Гладков, регионалниот гувернер на Белгород, рече дека украинско беспилотно летало удрило во автомобил, при што загинало најмалку едно лице.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и најмалку 50 други одбранбени лидери од Европа и од целиот свет, се состанаа вчера за да ја координираат воената поддршка за Украина додека таа се справува со обновениот напад од Русија во регионот Харков.

Остин рече дека состанокот вчера дошол во „момент на предизвик“ и вети дека ќе го пренесува американското оружје во Украина „недела по недела“.

Американскиот Конгрес и претседателот Џо Бајден одобрија пакет помош од 61 милијарда долари за Украина на крајот на април, откако политичките несогласувања во голема мера ги стопираа пратките за помош на украинската војска со месеци.

Русија во тоа време ја интензивираше својата инвазија на Украина, особено својата кампања во Харков.

Остин во понеделникот рече дека најновиот пакет помош од САД ќе ѝ помогне на Украина во Харков и другите области кои се соочуваат со руски притисок.

„Веќе испорачавме многу од барањата со врвен приоритет на Украина и многу повеќе помош е на пат“, рече Остин.

„Овој пакет вклучува и оклопни возила. И тоа е од суштинско значење за работата на Украина да го реконституира својот арсенал“.

Дел од информациите во текстот се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG