Русија неодамна поврати одреден „моментум“ во битката за Бахмут, објави денес британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување за руската инвазија на Украина.
Во извештајот се вели дека руските сили „многу веројатно напреднале“ во центарот на градот Бахмут и го зазеле западниот брег на реката Бахмут. Во извештајот, исто така, се вели дека силите на Вагнер и командантите на руското Министерство за одбрана „ја прекинаа нивната тековна расправија и ја подобрија соработката“.
Францускиот претседател Емануел Макрон го охрабри кинескиот претседател Шји Џјинпинг да ги искористи односите на Кина со Русија за да помогне да се стави крај на руската војна во Украина.
Макрон му рекол на Шји за време на вчерашната средба во Пекинг дека руската агресија во Украина ѝ наштетила на меѓународната стабилност.
„Знам дека можам да сметам на вас да ја вразумите Русија и сите да се вратат на преговарачка маса“, рече Макрон.
Шји им рече на новинарите дека „заедно со Франција, апелираме на воздржаност и разум“ во 14-месечниот конфликт, додавајќи дека Кина бара „брзо враќање на мировните преговори во потрага по политичко решение и изградба на европска архитектура што е избалансирана и трајна“.
Кинескиот лидер рече дека неговата влада апелира за заштита на цивилите. „Нуклеарното оружје не смее да се користи, а нуклеарната војна мора да се избегнува“.
Кина предложи повеќеделни мировен план за Украина, кој вклучува повик за поддржување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, но не ја повикува Русија да ги повлече своите сили од Украина.
Украинските власти рекоа дека ќе се вклучат во мировни преговори само ако Русија ја повлече целата своја војска, додека Русија инсистира Украина да ги признае областите за кои Русија тврдеше дека ги анектира. Нема познати мировни преговори од минатиот април.
Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Франс-прес и Ројтерс