Линкови за пристапност

Русија и Украина го продолжија договорот за испорака на жито за уште два месеца


Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави договорот, велејќи дека е важен за глобалната безбедност на храната
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави договорот, велејќи дека е важен за глобалната безбедност на храната

Русија и Украина денес се договорија за два месеца или до 18 јули да го продолжат нивниот договор со кој се дозволува испорака на жито од украинските пристаништа преку Црното Море контролирано од Русија до глобалните пазари за да се олесни светскиот недостиг на храна.

Продолжувањето беше доведено во прашање пред Турција и Обединетите нации (ОН) да постигнат договор во Истанбул. Тие одиграа клучна улога во претходните договори кои дозволија да бидат испорачани повеќе од 30 милиони тони пченка, пченица и други производи од минатата година и покрај речиси 15-месечните борби по руската инвазија на Украина.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави договорот, велејќи: „Важноста на Црноморската иницијатива и паралелниот Меморандум за разбирање меѓу ОН и Руската Федерација е јасна. Овие договори се важни за глобалната безбедност на храната. Украинските и руските производи го хранат светот“.

Тој рече дека „виталните залихи на храна стигнуваат до некои од најранливите луѓе и места во светот - вклучително и 30.000 тони пченица што штотуку ја напушти Украина на брод изнајмен од Светската програма за храна за да ги нахрани гладните луѓе во Судан“.

Тој рече дека пратките „се важни затоа што сè уште сме во мака со рекордна криза на трошоците за живот“, истовремено признавајќи дека „глобалните пазари на храна се стабилизираа, нестабилноста е намалена и видовме дека глобалните цени на храната паднаа за 20 отсо“.

Украинскиот вицепремиер Олександр Кубраков рече дека е благодарен на ОН и Турција „за напорите за зајакнување на безбедноста на храната“.

Неколку пати во текот на изминатата година, Русија се закани дека ќе се повлече од пактот за испорака на жито, тврдејќи дека одредбите со кои се дозволува испорака на сопствените земјоделски производи и ѓубрива на светските пазари не се исполнуваат.

Во меѓувреме, Украина се пожали дека Русија го закочила договорот со тоа што ги спречила потребните инспекции на пратките и одбивајќи да одобри употреба на повеќе бродови.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи сугерираше дека руските поплаки за договорот сè уште не се решени. „Изобличувањата во спроведувањето на договорот треба да се коригираат што е можно побрзо“, рече таа.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG