Амбасадорите на Европската унија во Брисел денес разговараа за одлуката на некои земји-членки за привремена забрана за увоз на жито и други производи од Украина.
Полска, Унгарија и Словачка објавија забрани за дел од увозот од Украина, а други земји од централна и источна Европа рекоа дека можеби ќе го следат примерот.
Трите земји тврдат дека презаситеноста од увозот на земјоделски производи со ниски цени им штети на нивните локални земјоделци. Полска и Унгарија во саботата соопштија дека нивните забрани ќе останат на сила до 30 јуни. Француската новинска агенција објави дека забраната на Словачка ќе стапи на сила в среда.
Портпаролите на извршната власт на ЕУ рекоа дека мора да се најде решение кое ќе ја почитува правната рамка на ЕУ, објави Асошиетед прес.
Главниот портпарол на Европската комисија Ерик Мамер рече дека Полска и другите земји „даваат се` од себе“ за да ѝ помогнат на Украина. Но, тој вели дека „не станува збор за санкционирање. Станува збор за изнаоѓање решенија засновани на правото на ЕУ во интерес во исто време на Украинците и на ЕУ“.
Дискусиите меѓу претставниците на ЕУ ќе продолжат утре додека Киев се обидува повторно да преговара за транзитот на храна и жито преку Полска и да стави крај на забраната за нејзините производи од европските земји кои се обидуваат да ги заштитат своите локални пазари.
Забраните, исто така, доаѓаат откако Русија предупредува дека можеби нема да го продолжи договорот за жито во Црното Море, кој треба да истече на 18 мај, со што ќе заглави милиони тони жито во Украина.
Украина е главен земјоделски производител кој се потпира на продажба на храна за голем дел од својот бруто-домашен производ.
Дел од информациите се преземени од АП, Ројтерс, Франс-прес