Русија ја нападна Украина со 46 дронови лансирани во неколку бранови во текот на ноќта, соопшти денес украинската војска.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека нивната одбрана уништила 32 од беспилотните летала, додека повеќето од останатите биле во можност да погодат области на фронтот, главно во регионот Херсон.
Украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко, исто така, го пријави руското гранатирање во вторникот вечерта во Херсон, кое погоди железничка станица додека луѓето чекаа да тргне возот за да ги евакуираат.
Клименко рече дека во гранатирањето загинал полицаец, а четири лица биле повредени.
Последните напади уследија по украинскиот напад во вторникот, кој погоди брод на руската морнарица на Крим.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека користеле крстосувачки ракети и дека нападот го уништил Новочеркаск.
Јуриј Ихнат, портпарол на командата на украинските воздухопловни сили, изјави за Гласот на Америка, дека украинската војска има информации за локацијата и товарот на бродот, како и за руската противвоздушна одбрана што го штити регионот.
Ихнат го нарече нападот „исклучително тешка операција бидејќи не е лесно да се потопи таков брод“.
Украинската војска се подобрува во изведувањето на удари со висока прецизност, рече Ихнат, додавајќи дека Русија „малку по малку ја губи црноморската флота и нејзиното влијание во Црното Море“.
Ихнат рече дека не може да потврди дали Новочеркаск носел беспилотни летала од Иран, но рече дека тоа не може да се исклучи.
Дополнително, тој не можеше да потврди дали бродот има муниција што Русија ја добила од нејзините сојузници за употреба во Украина.
Руското министерство за одбрана соопшти дека украинскиот напад го оштетил Новочеркаск.
Сергеј Аксјонов, гувернер на Крим поставен од Русија, на Телеграм изјави дека во нападот загинало едно лице, а две биле повредени.
Украинскиот вицеадмирал Олексиј Неижпапа, командант на украинската морнарица, изјави за Гласот на Америка, дека нападот во вторник ќе има ефект врз присуството на руската флота во Црното Море.
„Сега бродовите на Црноморската флота, која се наоѓа во Феодосија, разбираат дека тие се исто така објекти на напад од вооружените сили на Украина, вклучително и во оваа базна точка“, рече тој.
Мирослава Гонгадзе и Ихар Циханенка придонесоа за овој извештај. Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс