Линкови за пристапност

Украина нападна руски воен брод на Крим, Москва призна штета


Украинските воздухопловни сили соопштија дека користеле крстосувачки ракети и дека нападот го уништил Новочеркаск
Украинските воздухопловни сили соопштија дека користеле крстосувачки ракети и дека нападот го уништил Новочеркаск

Украинските сили нападнаа брод на руската морнарица на Крим денес, нанесувајќи и нов удар на руската црноморска флота.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека користеле крстосувачки ракети и дека нападот го уништил Новочеркаск.

Јуриј Ихнат, портпарол на командата на украинските воздухопловни сили, изјави за Гласот на Америка, дека украинската војска има информации за локацијата и товарот на бродот, како и за руската противвоздушна одбрана што го штити регионот.

Ихнат го нарече нападот „исклучително тешка операција бидејќи не е лесно да се потопи таков брод“.

Украинската војска се подобрува во изведувањето на удари со висока прецизност, рече Ихнат, додавајќи дека Русија „малку по малку ја губи црноморската флота и нејзиното влијание во Црното Море“.

Ихнат рече дека не може да потврди дали Новочеркаск носел беспилотни летала од иранско производство, но рече дека тоа не може да се исклучи, ниту дали бродот има муниција што Русија ја добила од нејзините сојузници за употреба во Украина.

Руското министерство за одбрана соопшти дека украинскиот напад го оштетил Новочеркаск.

Сергеј Аксјонов, гувернер на Крим поставен од Русија, на Телеграм изјави дека во нападот загинало едно лице, а две биле повредени.

Руските новински агенции објавија дека претседателот Владимир Путин бил информиран за нападот.

Украинската војска, исто така, во вторникот објави дека соборила 13 од 19 беспилотни летала што Русија ги користела во нападите во текот на ноќта.

Се наведува дека беспилотните летала биле уништени во регионите Одеса, Херсон, Миколаив и Хмелницки.

Русија во понеделникот тврдеше дека нејзините сили го зазеле стратешкиот град Маринка во источна Украина, но Киев го оспори тврдењето, известувајќи дека нејзините војници одбиле три „неуспешни напади“ во близина на разурнатата и речиси напуштена заедница.

„Не е коректно да се зборува за запленување на Маринка“, изјави портпаролот на украинската војска Олександар Штупун за украинската телевизија по тврдењата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за време на телевизиската средба со претседателот Владимир Путин.

„Борбата за Маринка продолжува“, рече Штупун.

„Во моментов, нашите војници се во административните граници на Маринка, но градот е целосно уништен“, додаде тој.

Украина, исто така, во понеделникот соопшти дека добила финансирање од 1,34 милијарди долари, главно преку Светската банка - средства кои делумно ќе бидат искористени за компензација на социјалните програми за парите изгубени за финансиските потреби за безбедност и одбрана.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG