Киев планира да произведе милион беспилотни летала кои се широко барани во првите борбени редови, и повеќе од 11.000 беспилотни летала со среден и долг дострел следната година, изјави денес украинскиот министер за стратешки индустрии.
Украина интензивно користи дронови, првично за лична цивилна употреба, но модифицирани за бојното поле, од првите денови на руската инвазија во 2022 година како евтина, но ефикасна опција за напади.
Тактиката подоцна беше усвоена од московските трупи, за кои сега се проценува дека располагаат со уште многу вакви беспилотни летала.
„Сите производствени капацитети се подготвени и ги започнуваат договорите за 2024 година“, рече министерот Олександр Камишин, на Телеграм.
Бројката вклучува најмалку 1.000 дронови со домет од повеќе од 1.000 километри, рече тој.
Претседателот Володимир Зеленски подоцна рече дека прашањето за беспилотните летала, и на залиха и за распоредени, било разговарано на состанокот на командантите и официјалните лица денес.
„Логистиката ќе биде побрза. Работиме и на тоа да ја направиме употребата на беспилотни летала, особено дронови FPV, поефикасна во сите области“, рече Зеленски во своето ноќно видеообраќање.
„Ова е очигледен приоритет за нашата земја и многу конкретен начин да се заштитат животите на нашите војници“.
Украина работи на зголемување на домашното производство на оружје со цел да обезбеди стабилна испорака, да не се потпира исклучиво на помошта од партнерите и да даде поттик на економијата.
Камишин рече дека во декември неговата земја ќе произведе повеќе од 50.000 дронови FPV.