Пролетни температури и цут на јапонските цреши. Ова го прави Вашингтон интересен за гости од цела Америка, ако и странски туристи, кои деновиве излегоа кај резервоарот на реката Потомак да ги видат расцутените дрвја.
Годинава тие се расцветаа порано, за разлика од претходните години, кога пикот беше најчесто во април.
„Вторпат доаѓаме тука за да ги видиме јапонските цреши. Многу е убаво, шетаме и се фотографираме. Слушнав дека ќе сечат дрвја, па дојдовме да ги видиме, за жал некои за последен пат“, вели туристка.
„Секогаш сум возбуден за нив и доаѓам тука често“, вели жител на Вашингтон.
„Доаѓаме тука секоја година. Живееме во северниот дел од Вирџинија, и тука пристигнуваме за 30 минути“, вели жителка на Вирџинија.
„Но, секоја година кога доаѓаме тука се чувствуваме како да доаѓаме за првпат. Се обидуваме да направиме што е можно повеќе фотографии“, вели жителка на Вирџинија.
„Со воз од Јорктаун во Вирџинија дојдовме да ги видиме јапонските цреши. Да прошетаме околу резервоарот и да направиме неколку фотографии“, рече жителка на Вирџинија.
Ова дрво најмногу го привлекува вниманието на посетителите. Често било под вода, како што објаснуваат надлежните на паркот, бидејќи водните ѕидови не обезбедувале заштита доволно. Годинава е последен пат кога може да се види цутот на ова и на други 157 јапонски цреши, од вкупно, 3.700, бидејќи тие ќе бидат отстранети.
„Сакам дрвја, но жалам што треба да ги исечат. Треба да ги реконструираат морските ѕидови, а ние да се поздравиме со некои дрвја“, кажа жителка на Вирџинија.
„Ги обожавам овие дрвјата, првпат ги гледам. Ќе бидат пресадени на друго место“, коментира студентка од Масачусетс.
Реконструкцијата на водните ѕидови ќе почне во мај и ќе трае три години. Службата за национални паркови на САД соопшти дека инвестицијата вреди 113 милиони долари и таа „ќе обезбеди паркот да може да ги заштити најпознатите споменици на државата и јапонските цреши од дотраената инфраструктура и од зголемувањето на нивото на водата во наредните 100 години“.
Надлежните велат дека водата што се прелева од резервоарот ги поплавува корените на дрвјата, а тоа им штети на јапонските цреши.
„Дури нè принуди привремено да го затвораме споменикот на Џеферсон, бидејќи водата се прелева по патеките што водат до локацијата“, изјави за Ројтерс Мајк Литерст, портпарол за парк-споменици при Служба за национални паркови .
И додека траат подготовките за обнова, граѓаните уживаат во глетката. По завршувањето на проектот во 2027 година, 455 дрвја, од кои 274 јапонски цреши, ќе бидат повторно засадени во областа, вети Службата за национални паркови.
Изјавата на Мајк Литерст, портпарол за Националното шеталиште и парк-спомениците при Американсата служба за национални паркови, е дадена за Ројтерс.