Линкови за пристапност

Протекувањето документи од Пентагон беше фрустрирачки, вели Националното разузнавање на САД


Директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс сепак повика на одмерен пристап, предупредувајќи да не се брза со спроведување на промени во безбедносните протоколи
Директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс сепак повика на одмерен пристап, предупредувајќи да не се брза со спроведување на промени во безбедносните протоколи

Директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс сака земјата да ги научи „вистинските лекции“ и да не реагира претерано по протекувањето на стотици доверливи документи на платформата за социјални медиуми популарна кај гејмерите.

Хејнс го опиша масивното протекување, кое вклучуваше откривање на информации за војната во Украина и разузнавачки информации собрани од САД за противниците и за сојузниците како „длабоко депресивно… многу фрустрирачки“.

Но, таа, исто така, предупреди да не се брза со спроведување на промени во безбедносните протоколи кои би можеле да ја попречат способноста на САД да споделуваат и ефективно да ги користат разузнавачките информации во иднина.

„Мислам дека секогаш, во секое сценарио, во секој инцидент што ќе се случи, ќе извлечеме поуки откако ќе разбереме што се случило и ќе се погрижиме да направиме подобра работа за да ги заштитиме нашите информации во иднина“, рече Хејнс.

„Она што сакам да го кажам со тоа е да се обидеме да промовираме подобри практики, а во исто време да не го поткопуваме нашиот капацитет да правиме соодветно споделување и да се вклучиме во нашата мисија“.

21-годишниот Џек Тешеира, член на Националната гарда на американската воздухопловна гарда, беше уапсен на почетокот на овој месец и во моментов се соочува со повеќе обвиненија за отстранување на документи од безбедно работно опкружување, носење дома и потоа објавување информации или фотографии од документите онлајн.

Меѓутоа, „Њујорк тајмс“ минатата недела објави дека Тешеира можеби споделил доверливи информации на Јутјуб со стотици членови.

Пентагон го опиша протекувањето како „намерно криминално дело“ и минатата недела објави дека веќе почнал да ги ревидира списоците за дистрибуција и да ограничува кој има пристап до доверливи информации.

Во неделата, претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот изјави за Еј-Би-Си дека другите агенции, а не само војската, можеби ќе треба да почнат да поставуваат дополнителни ограничувања за тоа кој може да пристапи до строго тајни документи.

Но, шефицата на американското разузнавање повика на „одмерен“ пристап, истакнувајќи дека одлуката на САД за широко споделување, а во некои случаи и декласифицирање на разузнавачките податоци помогнале да се поткопаат операциите на влијание на Русија во пресрет на нејзината инвазија на Украина.

„За време на конфликтот во Украина, ние поминавме низ многу внимателен процес за да се обидеме да осигураме дека можеме да откриеме онолку информации колку што сметаме дека можеме, а сепак во суштина да ги зачуваме нашите извори и методи. И мислам дека тоа беше соодветно нешто да се направи“, рече Хејнс.

„Секогаш постои ризик што доаѓа со тоа“, додаде таа. „Но, мислам дека има и корист што може да го има за националната безбедност и надворешната политика. И тоа, се разбира, е нашата крајна мисија“.

XS
SM
MD
LG