Линкови за пристапност

Њујорк тајмс: Пентагон води истрага за протечени документи за офанзивата на украинските сили


Модификациите може да укажат на обид за дезинформации од страна на официјална Москва, велат аналитичарите.
Модификациите може да укажат на обид за дезинформации од страна на официјална Москва, велат аналитичарите.

По социјалните мрежи беа објавени доверливи воени документи во кои се наведени тајните американски и НАТО планови за оспособување на украинската војска пред планираната офанзива против руските трупи, изјавија високи претставници на администрацијата на Бајден, пренесува Њујорк тајмс.

Според истиот извор, Пентагон истражува - кој стои зад протекувањето на документите, кои се појавија на Твитер и на Телеграм, платформа со повеќе од половина милијарда корисници, која е широко достапна во Русија. Воените аналитичари рекоа дека документите се чини дека се модифицирани во одредени делови од нивниот оригинален формат, проценувајќи ги американските бројки за загинатите во војната во Украина и минимизирајќи ги проценките за загинати руски војници.

Модификациите може да укажат на обид за дезинформации од страна на официјална Москва, велат аналитичарите.

Но, обелоденувањата во оригиналните документи, кои се појавуваат како фотографии од графиконите на предвидените испораки на оружје, силите на војниците и баталјоните и други планови, претставуваат значително нарушување на американското разузнавање во напорите да и се помогне на Украина.

Њујорк тајмс, пренесе дека официјални лица на Бајден работеле да ги избришат од социјалните мрежи, но не успеале. „Свесни сме за извештаите за објавите на социјалните мрежи и Одделот го разгледува, ова прашање“, рече Сабрина Синг, заменик-портпаролка за односи со медиумите во Пентагон.

Документите не даваат конкретни борбени планови - како, кога и каде Украина има намера да ја започне својата офанзива, за која американските власти велат дека најверојатно ќе дојде во следниот месец. Документите датираат од пред пет недели, меѓутоа, за обучено око на руски воен планер, теренски генерал или аналитичар на разузнавањето, без сомнение нудат многу привлечни индиции и сознанија.

Во документите се споменува, на пример, стапката на расходи на ХИМАРС - артилериски ракетни системи со висока мобилност обезбедени од САД, коишто можат да извршат напади врз мети како што се депонии за муниција, инфраструктура и концентрации на војници, од далечина.

Пентагон не кажа јавно колку брзо украинските војници ќе бидат обучени да користат ХИМАРС. Аналитичарите во петокот рекоа дека може да биде тешко да се процени влијанието на обелоденувањето на документите врз борбите на првата линија сега, и во наредните месеци.

При неодамнешна офанзива, Русија се бореше да постигне придобивки во источна Украина, а западните аналитичари дебатираат дали руската војска, откако претрпе неверојатни жртви, е способна да изврши друга, или да се спротивстави при украинскиот напад.

И натаму е нејасно како документите завршиле на социјалните мрежи.

Но, про-руските владини канали ги споделуваат и циркулираат брифинг слајдовите, предупредуваат воените аналитичари.

Аналитичарите алармираат дека документите објавени од руски извори може селективно да се менуваат за да се претстават како дезинформациите на Кремљ.

„Без разлика дали овие документи се автентични или не, луѓето треба да земаат се со резерва, за се што е објавено од руски извори“, рече Мајкл Кофман, директор на руските студии во ЦНА, истражувачки Институт во Арлингтон, Вирџинија.

На пример, на еден од слајдовите се вели дека 16.000 до 17.500 руски војници биле убиени, додека Украина претрпела дури 71.500 загинати војници.

Пентагон и други аналитичари проценија дека Русија претрпе многу повеќе жртви, со близу 200.000 убиени и повредени, додека Украина има повеќе од 100.000 убиени и повредени, пренесе Њујорк Тајмс.

Сепак, аналитичарите рекоа дека делови од документите изгледаат автентични и ќе и дадат на Русија вредни информации како што се распоредите за испорака на оружје и војници, бројот на трупи на Украина и други воени детали.

Њујорк Тајмс пренесува дека размената на разузнавачки информации меѓу Украина и САД значително се намали минатата есен, иако двете земји тесно работеа на опциите за украинска офанзива. Но, протекување на разузнавачки информации од овој вид, објавено на социјалните мрежи и достапно низ целиот свет, сигурно ќе му наштети на споделувањето разузнавачки информации меѓу Украина и САД.

Советникот во Кабинетот на претседателот на Украина, Михаило Подољак во реакцијата за Гласот на Америка на украински јазик, изјави дека има список на статистички податоци, кое оружје, кога, и колкаво количество ќе и биде доставено на Украина. „Ова е многу болна тема за Руската Федерација бидејќи постојано велат дека ништо не губат. А веќе има трет бран на мобилизација“, наведува Подољак и додава дека протечените информации имаат цел да се дискредитира концептот на контраофанзива.

Запрашан, да ја коментира довербата меѓу сојузниците за споделување разузнавачки информации, Подољак, рече дека Украина има многу конструктивна соработка со партнерите.

„Партнерите разбираат точно, што, како, и во која фаза сме. Ги информираме за сите аспекти. Во принцип, не гледам никакви ризици од објавувањето на овие информации, вклучувајќи ги и искривените информации за плановите што ги развива Генералштабот на Украина. Тие се ирелевантни, зашто функционираат за еден месец, или во одредено време“, изјави Михаило Подољак, советник во Кабинетот на претседателот на Украина Зеленски, во реакцијата за Гласот на Америка на украински јазик.

XS
SM
MD
LG