Линкови за пристапност

Резултатите од истрагата за протекување доверливи документи ќе бидат готови за 45 дена, рече Пентагон


Одделот за одбрана рече дека „може да има“ уште доверливи документи кои кружат на Интернет
Одделот за одбрана рече дека „може да има“ уште доверливи документи кои кружат на Интернет

Одделот за одбрана на САД соопшти дека ќе има резултати во рок од 45 дена од ревизијата на неодамнешното протекување на доверливи документи, додека работи на проценка како дошло до овој прекршок.

„Ние сме тука да ги извлечеме фактите и тоа е она што ќе го направи оваа ревизија“, изјави денес Пентагон, додавајќи дека Одделот „продолжува да работи деноноќно за подобро да го разбере обемот на овие протекувања“.

На прашањето дали сè уште може да има повеќе документи кои кружат на Интернет, Пентагон рече дека „може да има. Ние сè уште го оценуваме тоа“.

Одделот за одбрана рече дека веќе презел акција за ограничување на бројот на вработени со пристап до доверливи информации.

Минатата недела, американските власти го обвинија Џек Тешеира (21) од Националната воздухопловна гарда за протекување на многу доверливи документи на интернет.

Документите, кои со недели кружеа на различни страници на социјалните мрежи, вклучуваа чувствителни информации за руската војна во Украина, како и информации за сојузниците на САД, вклучувајќи ги Израел, Турција и Јужна Кореја.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби, изјави дека САД не откриле повреда на довербата меѓу Вашингтон и неговите сојузници како резултат на информациите откриени со протекувањето.

Тешеира се соочува со две кривични пријави: неовластено задржување и пренесување информации за националната одбрана и неовластено отстранување и задржување на доверливи документи. Првото обвинение спаѓа во Законот за шпионажа.

Доколку биде прогласен за виновен, тој се соочува со затворска казна до 15 години.

Дел од информациите во текстот се од Ројтерс

XS
SM
MD
LG