Австралискиот премиер Ентони Албаниз денес патува во четиридневна посета на САД, надевајќи се дека ќе постигне напредок во договорот за создавање флота на нуклеарни подморници АУКУС.
Официјалните безбедносни врски на Австралија со САД датираат од раните 1950-ти.
Премиерот Албаниз им рече на новинарите во Канбера во понеделникот дека „сојузот меѓу Австралија и САД е централен за надворешната политика на Австралија“.
Неговата официјална посета на САД ќе биде деветтата средба на Албаниз со претседателот Џо Бајден во изминатите 16 месеци.
Австралискиот премиер рече дека ќе разговара со членовите на Конгресот на САД за легислативата што е потребна за да се обезбеди напредок за АУКУС.
Австралиските медиуми објавија дека некои американски законодавци имаат значителна загриженост во врска со пактот.
АУКУС е трилатерален договор објавен во септември 2021 година со САД и Велика Британија, со кој Австралија за првпат ќе добие пристап до подморници на нуклеарен погон.
Се проценува дека договорот може да ја чини Австралија до 244 милијарди долари и нашироко се смета за контра на растечкото влијание на Кина во Индо-Пацифичкиот регион.
Кина претходно го критикуваше договорот АУКУС, обвинувајќи ги САД, Велика Британија и Австралија дека тргнале по опасен пат за „нивните сопствени себични политички придобивки ... целосно непочитувајќи ги грижите на меѓународната заедница“.
Во неделата, Албаниз потврди дека ќе го посети Пекинг на почетокот на ноември за да се сретне со претседателот Шји Џјинпинг.
Спорот околу извозот на австралиско вино во Светската трговска организација (СТО)е суспендиран додека двете земји се обидуваат да ги смират долгогодишните трговски и дипломатски тензии.
Кина се согласи да ги разгледа контроверзните царини за увоз на австралиско вино.
За возврат, владата во Канбера ја суспендира својата акција во СТО.
Тарифите беа воведени во 2020 година бидејќи билатералните односи брзо се влошија поради различни геополитички спорови.
Ограничувањата за други австралиски производи, вклучително и јачменот, веќе се укинати.
Албаниз има помалку конфронтирачки пристап кон Кина од претходната конзервативна влада што ја порази на изборите минатата година.
Во Вашингтон оваа недела, Албаниз ќе присуствува на државна вечера и на состанок во Овалната канцеларија со претседателот Бајден.