Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен денес ја покрена можноста Нов Зеланд и други нации да учествуваат во одбранбениот пакт АУКУС (Австралија, Обединетото Кралство и САД), соработка што може да го налути клучниот трговски партнер на Велингтон, Кина.
„Вратата е многу отворена за Нов Зеланд и другите партнери да се вклучат како што сметаат дека е соодветно понатаму“, рече Блинкен, додека Нов Зеланд размислува за соработка за ненуклеарни аспекти со овие држави.
Премиерот на Нов Зеланд Крис Хипкинс вчера рече дека Нов Зеланд е „отворен за разговори“ за можна улога во овој пакт, се додека тоа не се однесува на развојот на подморници на нуклеарен погон.
Нов Зеланд е без нуклеарно оружје од средината на 1980-тите.
Наместо тоа, официјалните лица се чини дека гледаат на соработката на одбранбените технологии како што се сајбер, вештачката интелигенција и хиперсоничното оружје, кои спаѓаат во таканаречениот „столб два“ од договорот меѓу Австралија, Обединетото Кралство и САД.
Нов Зеланд и Австралија се главните сојузници на САД во Јужниот Пацифик.
Но, Нов Зеланд неодамна беше обвинет дека ги става своите трговски односи со Кина пред пријателствата со колегите - САД, Велика Британија, Канада и Австралија.
Пекинг жестоко се спротивстави на овој одбранбен пакт, опишувајќи го како дестабилизирачки за регионот.
Министерката за надворешни работи на Нов Зеланд рече дека сè уште „ништо не е договорено“ и оти ќе мора да се разгледаат сите предлози пред да се постигне договор.
Извор: Агенција Франс-прес