Линкови за пристапност

Пратениците сè уште го немаат договорот со „Бехтел-Енка“


И Антикорупциската комисија сака да ја види содржината на документот кој досега не е доставен до нејзините членови кои имаат безбедносни сертификати.
И Антикорупциската комисија сака да ја види содржината на документот кој досега не е доставен до нејзините членови кои имаат безбедносни сертификати.

Договорот со „Бехтел-Енка“ се уште e недостапен за пратениците кои побраа увид во документот кој владата, на барање на американско-турскиот конзорциум, го класифицираше. Поминаа 4 дена откако владата соопшти дека договорот, во соодветна собраниска процедура, ќе биде презентиран во парламентот, но засега не е јасно кога тоа ќе се случи. Во наредните денови нема закажано какви било активности во Собранието поврзани со договорот.

Пратениците од опозицијата, кои имаат безбедносен сертификат, иницираа договорот да им биде даден на увид за да знаат како да гласаат за измените на 8 закони кои се поврзани со изведбата на целиот проект од 4 автопатски делници долги 110 километри.

Денеска, ниту премиерот, кој вообичаено е расположен да одговара на новинарски прашања, не сакаше да зборува за, како што од неговата влада го нарекуваат, инфраструктурниот проект на столетието.

„За сите прашања поврзани со оваа тема веќе имаше два брифинга, а ќе се организира и трет ако имате дополнителни прашања. Тоа е одговорот“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Наспроти молкот од владата, опозицијата продолжува да бара одговори – пред се на прашањето дали државата се обврзала дека на изведувачот ќе му плаќа огромни пенали ако во точно утврден рок не се заокружат законските измени од кои сериозни поволности ќе има токму „Бехтел-Енка“.

„Владата денеска мора да објасни зошто се обврзала на пенали од 53 милиони евра за овој месец и вкупно 196 милиони евра за пенали само по основ промена на законот и воведување 60 часа работна недела. Владата денеска мора да објави кога и кој ден ќе ги исплати 53 милиони евра дополнителни пенали или трошоци, затоа што не го исполни условот, промена на законот за 60 часа работна недела?“, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Одговорот на мнозинството е дека опозицијата работи по, како што велат проруски насоки, и дека намерно сака да го блокира проектот.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски под заложништво на проруската Левица водат хајка против стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10д и против реномирана американска компанија.
Изградбата на коридорите 8 и 10Д е најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, вреден 1,3 милијарди евра. 600 милиони евра од овие пари ќе завршат кај наши домашни компании“, вели Миле Талевски од СДСМ.

Но, не само опозицијата го бара договорот на увид. И Антикорупциската комисија сака да ја види содржината на документот кој досега не е доставен до нејзините членови кои имаат безбедносни сертификати.

XS
SM
MD
LG