САД им помогнаа на повеќе од 400 американски граѓани, постојани жители и други лица кои ги исполнуваат условите да го напуштат појасот Газа, соопшти денес Стејт департментот, но додаде дека американските граѓани остануваат во опколената енклава.
Газа е под бомбардирање на израелската војска откако милитантите на Хамас на 7 октомври убија, како што вели Израел, 1.400 луѓе и заробија во Газа повеќе од 240 лица.
„Продолжуваме да работиме во партнерство со ... Египет и Израел кон безбеден премин за повеќе американски граѓани, членови на нивните потесни семејства и законски постојани жители на САД“, рече заменик-портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател.
Има околу 400 американски граѓани и членови на нивните семејства, вкупно околу 1.000 луѓе, кои сакаа да излезат, изјави минатата недела американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Ова е тековна и променлива ситуација“, рече Пател денес.
Се очекува да се зголеми бројот на американски државјани кои ќе можат да заминат, рече тој.
Повеќе од 10.000 луѓе, од кои околу 40 отсто деца, се убиени во израелското бомбардирање на Газа, според тамошните здравствени власти.
Најмалку 320 странски државјани и зависни лица поминаа денес преку преминот Рафах, единствениот граничен премин кој не е контролиран од Израел, заедно со 100 Египќани, изјави египетски безбедносен извор.
Преминот беше затворен во саботата и неделата по израелски напад врз амбулантно возило кое се движело кон Рафах.
Пател рече дека од вторникот, 526 камиони со хуманитарни материјали влегле во Газа преку преминот Рафах.
САД соработуваат со Израел за да развијат механизми за инспекција што ќе им овозможат на камионите брзо да се движат во Газа, рече тој.
Египетските власти претходно изјавија дека израелските инспекциски процедури „значително го одложуваат пристигнувањето на помошта“.
И Израел и Хамас ги отфрлија повиците за прекин на борбите.
Израел вели дека прво треба да се ослободат заложниците. Хамас вели дека нема да ги ослободи или да престане да се бори додека Газа е нападната.
Вашингтон ја поддржа позицијата на Израел дека прекинот на огнот воено ќе му помогне на Хамас, но повика на паузи во борбите од хуманитарни причини и можни разговори за ослободување на заложниците.