Линкови за пристапност

Помпео: Постигнат е вистински напредок во разговорите со Северна Кореја


Државниот секретар на САД ова го изјави по средбата со вишиот советник на Ким Јонг Ун во Њујорк

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, изјави дека изминативе 72 часа, бил постигнат „вистински напредок “ во разговорите со вишиот советник во владата на Северна Кореја, Ким Јонг Чол, кој вчера допатува во Њујорк.

На прес-конференцијата по средбата, шефот на американската дипломатија, сепак додаде дека „претстои уште многу работа“.

Помпео истакна дека верува оти Северна Кореја ќе избере нов стратешки пат за напредок, но предупреди дека во име на безбедноста, земјата ќе треба да „избере пат којшто е фундаментално различен“.

Државниот секретар потврди дека Ким Јонг Чол, највисок по ранг претставник на Северна Кореја кој ги посетил САД изминативе 18 години, планира да отпатува за Вашингтон и на претседателот Трамп да му достави писмо од севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун.

Средбата меѓу Помпео и поранешниот разузнавач на Северна Кореја, важи како подготовка на самитот Трамп - Ким Јонг Ун, планиран да се одржи на 12-ти јуни во Сингапур.

Претходно, претседателот на САД Доналд Трамп, изјави дека разговорите меѓу Помпео и Јонг Чол се одвиваат добро, и дека се надева дека самитот во јуни ќе се одржи според планираното.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG