Полска ќе испрати 2.000 војници на границата со Белорусија, изјави заменик-министерот за внатрешни работи за државната новинска агенција ПАП денес, двојно повеќе од бројот што го бараше Граничната стража, за да ги спречи нелегалните премини и да ја одржи стабилноста.
Полска се` повеќе се грижи за пограничната област откако стотици платеници на „Вагнер“ пристигнаа во Белорусија минатиот месец на покана на претседателот Александар Лукашенко.
Белорусија неделава започна воени вежби во близина на границата, а Лукашенко неколку пати изјави дека ги задржува борците на „Вагнер“ кои сакаат да ја нападнат Полска.
Полска, исто така, забележа зголемување на бројот на мигранти главно од Блискиот Исток и Африка кои се обидуваат да ја преминат границата во последните месеци.
Во изминатите две години таа ја обвини Белорусија за регрутирање мигранти во сиромашните земји и илегално испраќање преку границата за да поттикне нестабилност.
„Ова засилување нема да биде за 1.000, туку за 2.000 војници“, изјави Мациеј Васик за ПАП.
„Оваа одлука ја донесе Комитетот за безбедност, оваа одлука ја донесе министерот за одбрана Мариуш Блашчак“.
Во понеделникот Васик рече дека Граничната стража бара да бидат распоредени дополнителни 1.000 војници.
Васик рече дека сите обиди за илегален влез во Полска од страна на мигранти сега се организирани од белоруските власти.
„Да имавме вистински граничари од другата страна, а не шверцерски служби, овие премини воопшто немаше да постојат“, рече тој.
Белоруската амбасада во Варшава не одговори веднаш на барањето за коментар испратено преку имејл.
Белорусија започна воени вежби во близина на границата оваа недела.
Извор: Ројтерс