Линкови за пристапност

Белорусија и Русија организираат нов прилив на мигранти, вели Полска


19.000 мигранти се обиделе да влезат во Полска од Белорусија досега оваа година, во споредба со 16.000 во текот на целата 2022 година
19.000 мигранти се обиделе да влезат во Полска од Белорусија досега оваа година, во споредба со 16.000 во текот на целата 2022 година

Полската влада ги обвини Белорусија и Русија дека организираат нов миграциски прилив во Европската Унија преку полската граница со цел да се дестабилизира регионот.

„Зборуваме за операција организирана од руските и белоруските тајни служби, која станува се` поинтензивна“, изјави за новинарите полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Васик.

Томаш Прага, шефот на полската гранична стража, додаде дека белоруските служби станале „криминална група која ја организира илегалната миграција“.

„Се разбира, тие прават огромни профити од тоа“, им рече тој на новинарите.

За време на претходната гранична криза, почнувајќи од летото 2021 година, десетици илјади мигранти и бегалци - главно од Блискиот Исток - преминаа или се обидоа да преминат во Полска од соседна Белорусија.

Во тоа време, Западот го обвини белорускиот режим дека го организирал приливот со својот сојузник Русија во „хибриден“ напад, тип на војување со употреба на невоени тактики - обвинение што Минск го негираше.

Полска тогаш реагираше со формирање зона за забранет пристап на границата, која траеше девет месеци и им забрани пристап и на оние што не се жители, вклучително и мигранти, хуманитарни работници и медиуми од областа.

Таа, исто така, испрати илјадници војници и полицајци да ги зајакнат патролите на граничната полиција во екот на кризата, изгради челичен ѕид долж границата и одобри закон со кој се дозволува мигрантите да бидат принудени да се вратат во Белорусија.

Васик рече дека ситуацијата „денес не е толку хаотична како што беше пред две години“.

Според Прага, 19.000 мигранти се обиделе да влезат во Полска од Белорусија досега оваа година, во споредба со 16.000 во текот на целата 2022 година.

Само минатиот месец над 4.000 мигранти се обиделе да ја преминат границата.

Како одговор, граничната стража денес го повика Министерството за одбрана да испрати дополнителни 1.000 војници на границата.

Извор: Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG