Линкови за пристапност

Полицијата влезе во Универзитетот Колумбија откако пропалестинските демонстранти ја окупираа зградата


Телевизиските снимки во живо покажаа дека полицијата влегува во елитниот кампус во горниот дел на Менхетн, кој беше централно место на студентските протести кои се проширија во десетици училишта низ САД, изразувајќи противење на израелската војна во Газа
Телевизиските снимки во живо покажаа дека полицијата влегува во елитниот кампус во горниот дел на Менхетн, кој беше централно место на студентските протести кои се проширија во десетици училишта низ САД, изразувајќи противење на израелската војна во Газа

Полицијата на Њујорк влезе во просториите на Универзитетот Колумбија во вторникот вечерта, во очигледен обид да ги растера пропалестинските демонстранти кои ја зазедоа зградата на кампусот, по речиси двонеделен судир со администраторите на Универзитетот.

Телевизиските снимки во живо покажаа дека полицијата влегува во елитниот кампус во горниот дел на Менхетн, кој беше централно место на студентските протести кои се проширија во десетици училишта низ САД, изразувајќи противење на израелската војна во Газа.

Претставници на Универзитетот Колумбија претходно во вторникот се заканија со академско исклучување на студентите кои го зазедоа Хамилтон Хол.

Окупацијата започна во текот на ноќта кога демонстрантите кршеа прозорци и упаднаа внатре, симболично преименувајќи ја зградата за 6-годишно палестинско дете убиено во Газа од страна на израелската војска.

Надвор од осумкатната, неокласична зграда - место на различни студентски окупации во кампусот што датираат од 1960-тите - демонстрантите го блокираа влезот со маси, ги врзаа рацете за да формираат барикада и извикуваа пропалестински слогани.

На вечерниот брифинг неколку часа пред полицијата да влезе во Колумбија, градоначалникот Ерик Адамс и градските полициски службеници рекоа дека преземањето на Хамилтон Хол било поттикнато од „надворешни агитатори“ кои немаат никаква поврзаност со Колумбија и се познати на органите на прогонот за провоцирање на беззаконие.

Полицијата соопшти дека своите заклучоци делумно ги засновала на ескалација на тактиката во окупацијата, вклучително и вандализам, употреба на барикади за блокирање на влезовите и уништување на безбедносните камери.

Адамс посочи дека некои од студентските демонстранти не биле целосно свесни за „надворешните актери“ меѓу нив.

„Не можеме и нема да дозволиме она што треба да биде мирен собир да се претвори во насилен спектакл кој нема никаква цел. Не можеме да чекаме оваа ситуација да стане уште посериозна. Ова мора да заврши сега“, рече градоначалникот.

Еден од студентските водачи на протестот Махмуд Калил, ги оспори тврдењата дека надворешни лица ја иницирале окупацијата.

„Тие се студенти“, изјави тој за Ројтерс.

Еден ден претходно, универзитетот соопшти дека почнал да ги суспендира студентите кои го прекршиле крајниот рок за напуштање на кампот за протести, бидејќи претставниците на училиштето изјавиле дека неколкудневните разговори со лидерите на протестите дошле во ќор-сокак.

„Пореметувањата во кампусот создадоа заканувачка средина за многу наши еврејски студенти и факултети и бучно одвлекување на вниманието што ги попречува наставата, учењето и подготовката за завршните испити“, се вели во соопштението на Универзитетот во вторникот.

Претставници на полициската управа на Њујорк нагласија пред метежот во вторникот вечерта дека полицајците ќе се воздржат од влегување во кампусот, освен ако администраторите на Колумбија не го поканат нивното присуство, како што направија на 18 април, кога полицајците на Њујорк отстранија претходен камп.

XS
SM
MD
LG