Линкови за пристапност

Универзитетот Колумбија ја откажа наставата во живо по пропалестинските протести


Протест пред кампусот на Универзитетот Колумбија, 18 април 2024 година, во Њујорк.
Протест пред кампусот на Универзитетот Колумбија, 18 април 2024 година, во Њујорк.

Студентите од Универзитетот Колумбија ќе посетуваат настава виртуелно, бидејќи училишните власти се надеваат дека ќе ги деескалираат тензиите во кампусот во Њујорк, откако пропалестинските демонстрации доведоа до масовни апсења минатата недела.

Во изјавата во понеделникот, претседателката на Универзитетот Колумбија, Немат Минуче Шафик, рече дека универзитетот ги откажува часовите со физичко присуство, додека го осудува антисемитскиот јазик и застрашувачкото и вознемирувачко однесување што таа рече дека се случило неодамна на кампусот.

„Овие тензии беа искористени и засилени од поединци кои не се поврзани со Колумбија, кои дојдоа во кампусот за да ги следат своите агенди“, рече Шафик.

Повеќе од 100 пропалестински демонстранти беа уапсени во четвртокот во кампусот, откако Шафик ја овласти њујоршката полиција да го расчисти кампот поставен од студентите кои демонстрираа против операциите на Израел во Газа.

Ели Бухлер, православен рабин на Универзитетот Колумбија и колеџот Барнард, им кажа на студентите во онлајн порака дека кампусот и градската полиција не можат да ја гарантираат безбедноста на еврејските студенти, јавуваат локалните медиуми.

„Длабоко ме боли да кажам дека би препорачал да се вратите дома што е можно поскоро и да останете дома додека реалноста во и околу кампусот драматично не се подобри“, рече Бухлер во пораката на Вотсап испратена до стотици студенти пред почетокот на празникот Пасха.

Протестите во Колумбија, кои потсетуваат на демонстрациите против Виетнамската војна во Колумбија пред повеќе од 50 години, се најнови во серијата протести кои ги опфатија универзитетските кампуси, мостовите и аеродромите од почетокот на најновата ескалација на израелско-палестинскиот конфликт на 7-ми октомври.

Покрај протестите, застапниците за човекови права, исто така, укажаа на пораст на пристрасноста и омразата кон Евреите, Арапите и муслиманите во месеците по 7-ми октомври.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG