Подготвеност во Собранието има, политички договор се` уште нема - тоа е позицијата на претседателот на Парламентот за ситуацијата со носењето на уставните измени, нешто за што повикува новиот состав на Европската комисија.
Африм Гаши на денешниот брифинг рече дека за ова прашање се разговара, дека има спремност во Собранието, но и дека кај владејачкото мнозинство постои страв дека по евентуалното внесување на Бугарите во Уставот, Софија може да испорача нови барања со кои пак ќе го услови процесот на ЕУ-пристапување, што пак, би резултирало со зголемување на евроскептицизмот кај граѓаните.
Во изјавата по брифингот, спикерот го изостави делот за стравувањата од нова блокада и по уставните измени.
„Мислам дека јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме подготвени да ја почнеме процедурата, мислам дека имаме двотретинско мнозинство и мислиме дека процес во собрание лесно ќе помине и лесно ќе го реализираме, но тоа зависи од политичкиот момент“, рече Гаши.
Од Владата, денеска стигна одговор за повиците од новата Европска комисија за потребата од финиширање на процесот на уставни измени за продолжување на преговорите, нешто на што земјава се обврза во јули 2022.
„Како влада имавме одговор на оваа состојба, ставот на владата е јасен и остануваме на истиот“, изјави Марија Митева, портпаролка на Владата.
Тој став е уставни измени со одложено дејство, идеја што ја турка оваа влада, иако иницијативата засега нема голема поддршка од Брисел и европските престолнини.
Позицијата на ЕУ ја артикулираше и новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, веднаш по изборот на новата Европска комисија со која пак раководи Урсула фон дер Лајен.
„Очекуваме Северна Македонија да го промени Уставот зашто смеатме на тоа. Ништо помалку, ништо повеќе, сигурна сум дека тоа може да се направи“, рече еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Тоа го кажа и нејзината шефица за време на минатомесечната посета на Скопје.
„Имаме многу јасна цел на повидок, тоа е да се отвори кластерот фундаменти што е можно поскоро. Речиси сме таму, знаеме дека се работи за уставните промени што вашата земја се обврза да ги спроведе, и сега ни треба заеднички напор, соработка и дијалог. Се надевам дека сите политички сили во земјата ќе се здружат за да го направат овој одлучувачки чекор напред“, рече фон дер Лајен во октомври.
Но, такво здружување на сите политички актери, но и волја кај мнозинството, како што денеска кажа и спикерот, се` уште нема.