Линкови за пристапност

По Вашингтон, Зеленски денес ќе се обрати пред парламентот на Канада


Зеленски и канадскиот премиер Трудо, треба да потпишат и договор наменет за зајакнување на економските врски меѓу двете земји
Зеленски и канадскиот премиер Трудо, треба да потпишат и договор наменет за зајакнување на економските врски меѓу двете земји

Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше пречекан од канадскиот премиер Џастин Трудо во Отава доцна вчера по посетата на Вашингтон.

Зеленски денес ќе се обрати пред канадскиот парламент, што е му првпат да зборува пред собранието по руската инвазија на Украина.

Зеленски и канадскиот премиер Трудо, исто така, треба да потпишат договор наменет за зајакнување на економските врски меѓу двете земји.

Трудо во изјавата пред пристигнувањето на украинскиот лидер рече: „Канада останува непоколеблива во нашата поддршка на народот на Украина додека тие се борат за нивниот суверенитет и нивната демократија, како и нашите заеднички вредности, како почитување на владеењето на правото, слободата, и самоопределување“.

Двајцата лидери ќе отпатуваат и во Торонто, каде што ќе се сретнат со Канаѓани, вклучувајќи бизнис лидери и членови на украинско-канадската заедница.

Зеленски претходно во Вашингтон доби ветување за континуирана поддршка од претседателот Џо Бајден и испрати храбра порака: Без уште една транша од американското финансирање за борба против руската агресија, Украина ќе ја изгуби војната.

„САД ќе продолжат да стојат со вас“, му рече Бајден на Зеленски во Белата куќа.

Бајден вчера објави уште 325 милиони долари за оружје за Украина, кои не ги вклучуваат проектилите со долг дострел што Украина ги побара.

„Денес сум во Вашингтон за да ја зајакнам нашата позиција, да ја бранам Украина, нашите деца, нашите семејства и нашите домови, слободата и демократијата во светот“, рече Зеленски, седејќи во Овалната соба.

„И го започнав мојот ден во Конгресот на САД за да им се заблагодарам на членовите и народот на Америка за таа голема, огромна поддршка“.

Претходно истиот ден, Зеленски се состана со законодавците во Конгресот за да побара дополнително финансирање од 24 милијарди долари што Белата куќа ги побара претходно оваа година.

Во меѓувреме, расте загриженоста на републиканците во врска со обезбедувањето американска помош за Украина, во комбинација со пошироки потешкотии при донесување на буџет за 2024 година за финансирање на американската влада по крајниот рок до 30 септември.

XS
SM
MD
LG