Линкови за пристапност

Зеленски денес ќе бара поддршка во Конгресот и Белата куќа


Администрацијата на Бајден побара од Конгресот да одобри 24 милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина
Администрацијата на Бајден побара од Конгресот да одобри 24 милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со американските лидери денес во Вашингтон и ќе бара поголема поддршка за борбата на неговата земја против руската инвазија.

Се очекува Зеленски да се сретне и со демократските и со републиканските конгресни лидери и да разговара со секретарот за одбрана Лојд Остин во Пентагон пред попладневниот состанок со претседателот Џо Бајден во Белата куќа.

Администрацијата на Бајден побара од Конгресот да одобри 24 милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби, изјави за новинарите вчера дека финансирањето, кое вклучува повеќе од 20 милијарди долари за одбраната, ќе има „значително влијание врз борбите во Украина“ во наредните месеци.

„Навистина е важно членовите на Конгресот да можат директно да слушнат од претседателот за тоа со што се соочува во оваа контраофанзива и како ги постигнува своите цели и што му треба за да продолжи да ги постигне тие цели“, рече Кирби.

Дополнителна поддршка за Украина наиде на отпор од некои републикански законодавци, вклучувајќи го и спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти.

„Дали Зеленски е избран во Конгресот? Дали е тој наш претседател? Мислам дека не треба да преземам ништо и мислам дека имам прашања за него“, им рече Мекарти на новинарите вчера.

„Каде е одговорноста за парите што веќе ги потрошивме? Кој е планот за победа? Мислам дека тоа е она што американската јавност сака да го знае“.

Лидерот на републиканците во Сенатот Мич Мекконел, вчера рече дека ќе се заложи за „одржлива поддршка на украинската кауза, не од добротворни цели, туку од примарен фокус на интересите на Америка“.

Меконел беше критичен кон Бајден за тврдењето дека САД имаат „фундаментален интерес за украинската победа и европската безбедност“.

Некои информации во овој текст се од агенцијата Франс- прес

XS
SM
MD
LG