Линкови за пристапност

По пукањето во Тенеси, гувернерот потпиша закон за поголема заштита за продавачите на оружје


НЕШВИЛ - Гувернерот на Тенеси, Бил Ли потпиша закон за дополнителна заштита за производителите на оружје и муниција, дистрибутерите и продавачите од тужби. Законодавството беше усвоено во државното собрание по смртоносното пукање во основно училиште во Нешвил во март.

Републиканскиот гувернер без многу публицитет го потпиша предлог-законот во четвртокот, а неговите одредби стапуваат на сила на 1 јули.

Државниот Сенат го усвои нацрт-законот во средината на април, само неколку недели по пукањето на 27 март во основното училиште Ковеннт во Нешвил, во кое загинаа шест лица, меѓу кои и тројца деветгодишни ученици. Долниот дом на државното собрание го усвои предлогот пред пукањето.

Ли одлучи да го потпише нацрт-законот бидејќи од истите републикански пратеници, кои имаат апсолутно мнозинство во двата дома на Собранието, се бара да усвојат нацрт-закон што ќе им отежне на луѓето за кои се верува дека можат да си наштетат себеси или другите да набават пиштоли.

Гувернерот планира да ги повика членовите на собранието уште во август на специјална седница со цел „зајакнување на јавната безбедност и зачувување на уставните права“, бидејќи собранието беше распуштено минатиот месец без неговите членови да го разгледаат предложениот „уредба за привремена заштита во доменот на менталното здравје“. Од кабинетот на Ли не соопштуваат за која верзија на неговиот предлог или други предлози ќе се расправа на седницата во август.

Зголемувањето на имунитетот за компаниите кои произведуваат оружје не беше доведено во прашање откако Собранието го усвои предлог-законот. Ли никогаш не стави вето, бидејќи републиканците имаат доволно мнозинство за да го надминат. Меѓутоа, тој повремено дозволувал законите да стапат во сила без негов потпис, за да ја изрази својата загриженост или несогласување со одредена политика.

Демократските членови на собранието на Тенеси остро ја осудија одлуката да се даде приоритет на правната заштита на индустријата за оружје по пукањето.

Тројца републиканци во Сенатот гласаа против предлог-законот, кој дојде пред нив по неколкунеделен притисок од јавноста, протести и маршеви со барање за усвојување на реформа на процесот на продажба на оружје. Пред пукањето, само демократите во Долниот дом на собранието се спротивставија на предлогот.

„Кога станува збор за законодавството, републиканското супермнозинство е повеќе фокусирано на заштита на оружјето и производителите и дистрибутерите отколку на заштитата на нашите деца и заедници“, рече во интервјуто конгресменот Џон Реј Клемонс, претседател на Демократската група на Нешвил.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG