Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин најави 400 милиони долари во ново оружје за Украина, денес за време на посетата на Киев само две недели пред претседателските избори во САД кои предизвикуваат неизвесност за иднината на поддршката на Западот.
Патувањето на Остин, неговата четврта и веројатна последна посета како шеф на Пентагон, беше со цел да се истакнат напорите на САД да му помогнат на Киев да ја зајакне својата одбрана додека руските сили освојуваат терен во источна Украина.
Но, и покрај покажаната солидарност со Киев, не се очекува да одговори на некои од најгласните повици на украинскиот претседател Володимир Зеленски за промени во политиката на САД, како што е укинување на ограничувањата на Вашингтон за користење на оружје испорачано од САД за погодување цели длабоко на руска територија.
При крај на администрацијата на Бајден, Остин сигнализираше континуитет во поддршката на САД.
„САД го разбираат влогот овде, господине претседателе“, му рекол Остин на Зеленски за време на состанокот, додека тој ги најавувал новите пари за дополнителна муниција, оклопни возила и противтенковско оружје.
Додека Остин излегуваше од возот во Киев по патувањето преку ноќ од Полска, украинските власти пријавија нови руски напади во текот на ноќта врз главниот град на Украина кои оштетија станбени згради и повредија најмалку еден цивил.
Посетата на Остин доаѓа во пресрет на претседателските избори во САД на 5 ноември, на кои поранешниот претседател Доналд Трамп, републиканскиот кандидат, бара реизбор во тесна трка против потпретседателката Камала Харис, кандидатот на демократите.
Трамп сигнализираше дека е помалку веројатно, за разлика од Бајден, да продолжи да ја поддржува Украина, што би можело да го лиши Киев од најголемиот воен и финансиски поддржувач.
Остин ја отфрли таквата загриженост.
„Видов двопартиска поддршка за Украина во последните 2-1/2 години и целосно очекувам дека ќе продолжиме да гледаме двопартиската поддршка од Конгресот“, рече тој.
Пензионираниот генерал со четири ѕвезди беше еден од најверните застапници на Украина, градејќи коалиција од десетици нации кои го снабдуваат Киев со оружје што му помогна да им нанесе тешки удари на руските сили.
Еден официјален претставник на американската одбрана, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Русија досега претрпела 600.000 жртви на убиени и ранети војници во Украина, а септември е нејзиниот најтежок месец на жртви и повредени.
Но, рускиот претседател Владимир Путин се чини дека е задоволен што инвестира се` повеќе и повеќе сили во напредување во регионот Донбас во источна Украина, за кој Москва тврди дека е своја територија.
Во последните недели, Русија ги опколи градовите во регионот на Доњецк, а потоа полека ги притискаше додека украинските единици не бидат принудени да се повлечат.
„Тоа е многу тешка борба и тоа е тежок удар“, рече Остин.