Линкови за пристапност

Пендаровски не верува во големи промени во НАТО по изборите во САД


Стево Пендаровски, поранешен претседател на Република Северна Македонија.
Стево Пендаровски, поранешен претседател на Република Северна Македонија.

Самитот на НАТО во Вашингтон не беше само самит за прослава на 75 години на Алијансата, туку самит со конкретни задолженија, рече поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски, кој за Гласот на Америка ја лоцира улогата на Северна Македонија во тој контекст:

„За нас е посебно значајна точката 31 од завршната декларација на НАТО самитот, која зборува за стратешкото значење за Алијансата на регионот на Западниот Балкан и тоа го врзува со регионот околу Црното Море. Зошто е тоа важно? Затоа што ние сме практично еден незаменлив дел во тој географски дел со Коридорот 8 кој тргнува од Црното Море од Бугарија и преку нас оди во Албанија. Од тој аспект сите наши национални планови во перспектива мораат да се потпираат на тој коридор, како витален, како стратешки значаен и за нас. Ако Коридорот 8 според оваа завршна декларација е значаен за НАТО во целина, и до толку е значаен за НАТО да му посвети цел дел од својата завршна декларација и го нарекува стратешки регион, нема никаква логика ние да не се водиме по тоа и да не направиме сѐ што можеме со нашите национални ресурси, да ја потпреме таа теза и да го доразвиеме во инфраструктурна, во воена и во политичка смисла тој Коридор“, изјави Пендаровски.

Поранешниот претседател се осврна и на руските наративи продуцирани од Кремљ во врска со војната во Украина. Тој вели дека голем дел од македонските медиуми, но и медиумите од Црна Гора, Босна и Херецеговина и Србија, се пренесуваат такви какви што се спакувани во Москва. Исклучок, вели Пендаровски, се медиумите во Косово и Албанија, што го толкува со јазичната бариера за руската пропаганда.

„Во Украина се случува следното: во една реченица, земја суверена членка на Обединети Нации е нападната од друга земја-членка на Обединети Нации, која притоа е постојана членка на Советот за безбедност и тоа е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите Нации. Нема тука друга филозофија, друга вистина. Просто кажано, има окупатор и има земја која е сега нападната на најбрутален начин без повод, без причина и се разбира во крајна истанца, окупаторот треба да си замине од земјата која ја окупирал и која не е негова. Таа вистина честопати знае во нашите медиуми да не биде присутна, да не биде видлива, и луѓето да веруваат на пример дека војната во Украина е испровоцирана од проширувањето на НАТО. НАТО се проширува 25 години наназад. Зошто до 2014 и окупацијата на Крим немаше ваква реакција од страна на Русија?“, рече тој.

Го запрашавме поранешниот претседател дали очекува промени во НАТО Алијансата зависно од исходот на ноемвриските претседателски избори во САД.

„Се работи за држава која е далеку најмоќна во светот, во воена, во политичка и во економска смисла, и сеуште нормално најмоќна и во оваа атланска алијанса. Но, јас не сум од оние кои предвидуваат големи промени во односот кон нас или кон европските сојузници затоа што противкандидатот на Камала Харис претходно веќе беше претседател. Точно знаеме како се однесуваше и кон НАТО и кон европските сојузници, што беше приоритет во неговата политичка агенда и во неговите четири години. Се покажа дека американскиот политички систем е доволно отпорен на секакви обиди да замре соработката со европските партнери или не знам, да се извлечат американските трупи кои сѐ уште ги има на европско тло, посебно во Германија. Па, дури и отпорен и на некои екстремни сценарија дека Америка може да се повлече од членството во НАТО. Тоа нема да се случи, бидејќи, повторувам, Америка има долга историја на соработка со Европа, знае дека тоа е во нејзин национален интерес и на сите други институции во американското општество“, додаде Пендаровски.

Со поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски разговаравме на маргините на панел дискусија „Балканските рефлексии од самитот на НАТО во Вашингтон“, што се одржа во Скопје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG