Линкови за пристапност

ОН бараат прекин на огнот во Газа


Оваа слика објавена од израелската армија на 12 декември 2023 година ги прикажува војниците во појасот Газа, во услови на континуирани битки меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас
Оваа слика објавена од израелската армија на 12 декември 2023 година ги прикажува војниците во појасот Газа, во услови на континуирани битки меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас

Генералното собрание на ОН денес усвои резолуција со која се повикува на прекин на огнот. Три четвртини од земјите-членки гласаат „за“.

„Цената на поразот на Хамас не може да биде континуираното страдање на сите палестински цивили“, рекоа одделно лидерите на Канада, Австралија и Нов Зеланд во заедничката изјава во која повикуваат на прекин на огнот.

Палестинските власти ја поздравија резолуцијата и ги повикаа земјите да извршат притисок врз Израел да се усогласи.

Официјален претставник на Хамас во егзил, Изат Ел-Решик, во изјава за Телеграм ја повтори таа реакција, велејќи дека Израел треба „да престане со својата агресија, геноцид и етничко чистење врз нашиот народ“.

САД и Израел, кои тврдат дека прекинот на огнот само му користи на Хамас, гласаа против мерката заедно со уште осум земји.

Пред гласањето во ОН, израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан рече:

„Примирјето значи едно и само едно – обезбедување на опстанокот на Хамас, обезбедување опстанок на геноцидните терористи посветени на уништување на Израел и Евреите“.

Пред резолуцијата, Бајден рече дека Израел сега има поддршка од „поголемиот дел од светот“, вклучувајќи ги САД и Европската Унија за неговата борба против палестинската милитантна група Хамас.

„Но, тие почнуваат да ја губат поддршката со неселективно бомбардирање што се случува“, рече тој на настанот за донатори на кампањата во Вашингтон.

Во најјавниот знак за поделба меѓу лидерите досега, Бајден исто така, рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да ја промени својата тврдокорна влада и дека на крајот Израел „не може да каже не“ на независна палестинска држава - нешто на што се противат израелските тврдокорни.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, ќе отпатува за Израел оваа недела, а секретарот за одбрана Лојд Остин следната недела ќе го посети Блискиот Исток.

Бајден рече дека Саливан ќе ја нагласи посветеноста на САД кон Израел, како и потребата да се заштитат животите на цивилите во Газа.

Во израелскиот напад врз Газа за да се искорени Хамас, загинаа најмалку 18.205 Палестинци, вклучително и многу деца, а беа ранети речиси 50.000 од 7 октомври, според Министерството за здравство на Газа.

Конфликтот, исто така, доведе до глад, 85% од населението раселено од своите домови и предизвика ширење на болести, според Министерството за здравство на Газа и ОН.

Израел го започна својот напад по прекуграничниот напад на борците на Хамас, кои убија 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници во јужен Израел на 7 октомври.

Израел денес прогласи 19 од 134 луѓе кои се` уште се во заробеништво во Газа за мртви во отсуство, откако телата на двајца заложници беа пронајдени.

XS
SM
MD
LG