Линкови за пристапност

„Огнените“ во ДУИ од денеска и официјално ќе функционираат како фракција


Од самиот почеток наведуваме дека ќе искористиме демократски средства за артикулирање на нашето незадоволство и незадоволство на граѓаните, изјави Изет Меџити од фракцијата во ДУИ
Од самиот почеток наведуваме дека ќе искористиме демократски средства за артикулирање на нашето незадоволство и незадоволство на граѓаните, изјави Изет Меџити од фракцијата во ДУИ

„Огнените“ во ДУИ од денеска и официјално ќе функционираат како фракција во партијата. Групацијата на влијателни функционери-претставници на важни партиски ограноци се реши на ваков чекор и покрај предупредувањето на лидерот Ахмети дека таквиот потег би бил во спротивност на статутот на ДУИ.

Нивниот одговор е дека тоа го прават како резултат на незадоволството во партиската база за начинот на кој функционира ДУИ, игнорирањето на интересите на граѓаните и концентрирањето на моќта кај неколкумина минстри.

Сепак, и покрај очигледната длабока поделба, фракционерите не даваат директен одговор дали ќе формираат нова партија.

„Од самиот почеток наведуваме дека ќе искористиме демократски средства за артикулирање на нашето незадоволство и незадоволство на граѓаните. Нашата цел е да ја добиеме битката внатре во ДУИ“, изјави Изет Меџити од фракцијата во ДУИ.

Зголемувањето на јазот во ДУИ меѓу раководството и фракционерите, кои на своја страна имаат 3 пратеници во Собранието, доаѓа во период кога се најавува скорешен старт на процесот на уставни измени, процес за чие успешно заокружување е потребно двотретинско мнозинство и оттука секој глас е важен.

Во расправата за ова прашање се вклучи и шефот на државата по изјавите на ВМРО-ДПМНЕ дека би поддржала промена на Уставот ако тоа се прави по примерот на Хрватска која е „национална држава на хрватскиот народ и држава на припадници на национални малцинства“.

Истовремено, претседателот Стево Пендаровски излезе со остра изјава за барањата на Бугарија и таа да учествува во процесот на уставни измени.

„Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21-ви век е апсурдно непримерено да барате да се мешате во внатрешните политички и уставно-правни процеси на која било држава. Концептот околу мнозинства и малцинства во Република Северна Македонија е надминат, таа дебата е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година. И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин „национални малцинства“ туку имаше „народи“ и „народности“. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука а е како бројка помалку од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа“, рече Пендаровски.

Останатиот дел од опозицијата не гледа позитивно на идејата на ВМРО-ДПМНЕ за промени по примерот на Хрватска.

„Хрватскиот модел е тројански коњ со кој повторно треба да се вратиме на францускиот предлог. Опасноста од ова е што ВМРО-ДПМНЕ летово ги поддржа протестите, а сега е амортизер на народното незадоволство“, вели Амар Мециновиќ од Левица.

Паралелно со подготовките за „отворање“ на Уставот, владејачката СДСМ почна со, како што ја нарече теренска активност – „рамо до рамо“ наликува на почеток на кампања во пресрет на парламентарните избори предвидени за догодина.

„СДСМ од денеска е на терен, рамо до рамо со граѓаните, таму каде што ние местото. Ќе посетиме 946 населени места. Да дадеме отчет за сработеното и да кажеме што следува“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Сето ова најавува се, само не, вообичаена политичка пролет во земјава.

XS
SM
MD
LG