Линкови за пристапност

Од прогнози за тесна трка, до убедливо водство: Како Трамп победи на изборите во САД?


Доналд Трамп на изборната ноќ, во придружба на Меланија Трамп и синот Барон, Флорида 6 ноември, 2024
Доналд Трамп на изборната ноќ, во придружба на Меланија Трамп и синот Барон, Флорида 6 ноември, 2024

Бројните политички анкети во пресрет на претседателските избори во САД најавуваа тесна трка меѓу Доналд Трамп и Камала Харис. Но, Трамп постигна убедлива победа преку гласовите од повеќе категории граѓани - мажи, жени, како и од латино заедницата.

Анкетите во пресрет на претседателските избори најавуваа тесна трка за водечката позиција во земјата. Но, Доналд Трамп доби голема поддршка и лесно ја победи потпретседателката Камала Харис на изборите на 5 ноември.

„Дојдоа од сите страни, од синдикатите, не-синдиката, Афроамериканците, Хиспаноамериканците, азиските Американци, арапските Американци, Американците муслимани. Ги имавме сите“, истакна Трамп во говорот во ноќта на изборите.

Трамп, и покрај 34 кривични пресуди зад себе за фалсификување деловни досиеја, стана првиот републикански претседателски кандидат во последните 20 години кој победил и со народните гласови, покрај електорските.

Поддржувачи на републиканците ја слават победата во Монтана, 6 ноември, 2024
Поддржувачи на републиканците ја слават победата во Монтана, 6 ноември, 2024

„Зошто некои кандидати се покриени со тефлон, а други не? Знаеш, не можам да ти одговорам на прашањето. Зашто, знаете, досието на Доналд Трамп, на пример, со неверство и проблеми со некои криминални работи, не се налепи на него“, коментира Семјуел Абрамс, професор по политички и општествени науки на колеџот „Сара Лоренс“ во Њујорк.

Тоа што се налепи е повторувачката реторика што Трамп им ја пренесуваше на гласачите со години.

„А тоа е ‘те слушам. Ја разбирам вашата борба. Разбирам дека работите не се толку добри колку што би можеле да бидат и би сакал да ви помогнам. Сакам да ги направам работите подобри’,“, коментира Абрамс.

„Печатот и медиумите сакаа да зборуваат за некои од лудите работи и за сето тоа што тој го кажуваше. Но, на крајот од денот, пораката ‘Америка силна’, беше на прво место“, додава Абрамс.

Кампањата на Трамп беше насочена кон клучните гласачи, често преку подкасти и преку социјални медиуми кои привлекоа милиони прегледи.

„Тие беа насочени кон младите, кон оние што не гласаат. Тие беа насочени кон оние поединци што, знаете, се измачуваа во последниве неколку години со инфлацијата и тоа се исплатеше“, објаснува Том Рајли, професор на Факултетот за односи со јавноста на Државниот универзитет во Аризона.

Демократската кандидатка Камала Харис одржа говор на универзитетот "Хауард" во Вашингтон после изборната ноќ, на 6 ноември, 2024
Демократската кандидатка Камала Харис одржа говор на универзитетот "Хауард" во Вашингтон после изборната ноќ, на 6 ноември, 2024

Камала Харис, пак, имаше околу 100 дена да ја води својата кампања откако претседателот Џо Бајден се повлече од трката во јули. Таа компресирана временска рамка ги намали нејзините шанси, смета Рајли.

„Кон Бајден ќе има многу критики дека требало да се повлече. Да се повлече и уште порано, нели? Но, да се тргнеше порано, нели, триесет, шеесет, деведесет дена порано, тогаш ќе имаше предизбори, нели? А Харис можеби не би била кандидатка“, додава професорот Рајли.

За Харис, товар исто така беше и нејзината поврзаност со непопуларен претседател.

„Јасно беше дека американската јавност сака промени и многумина поединци ја гледаа нејзе како продолжение, за добро или лошо, на администрацијата на Бајден“, смета Рајли.

Други аналитичари велат дека Харис премногу се фокусирала на правата за абортус и премалку на економијата.

„Одвај еден процент од американските гласачи некогаш ќе мораат директно или индиректно да се справат со абортусот. Но, сите гласачи треба да се справат со инфлацијата, со цените на горивата, струјата, ниските плати “, нагласува републиканскиот стратег Џејсон Кејбел Ро.

Нема начин да се пресмета колку, и дали воопшто, врз исходот за Харис влијаеше и тоа што е жена со темна боја на кожата.

„Искрено, не мислам дека ова имаше каква било врска со расата, со етничката припадност или со полот во ова време. Пораката на Трамп одекна навистина многу подлабоко кај гласачите низ целата земја“, смета Семјуел Абрамс од колеџот „Сара Лоренс“.

Таа порака му ја донесе победата на Трамп.

XS
SM
MD
LG