Линкови за пристапност

Обединетите нации поднесоа жалба до САД за наводно шпионирање на Гутереш


ОН велат дека испратиле писмо во понеделникот вечерта преку мисијата на САД во Обединетите нации, и оти до денес попладне не бил добиен одговор
ОН велат дека испратиле писмо во понеделникот вечерта преку мисијата на САД во Обединетите нации, и оти до денес попладне не бил добиен одговор

Обединетите нации (ОН) поднесоа формална жалба до САД поради извештаите дека Вашингтон го шпионирал генералниот секретар Антонио Гутереш и други високи претставници на ОН.

„Сега официјално ја изразивме на земјата домаќин нашата загриженост во врска со неодамнешните извештаи дека комуникациите на генералниот секретар и други високи претставници на ОН биле предмет на надзор и мешање од страна на американската влада“, изјавија ОН.

ОН велат дека испратиле писмо во понеделникот вечерта преку мисијата на САД во Обединетите нации, и оти до денес попладне не бил добиен одговор.

„Јасно ставивме до знаење дека таквите дејствија не се во согласност со обврските на САД како што се наведени во Повелбата на Обединетите нации и Конвенцијата за привилегии и имунитети на Обединетите нации“.

Владата на САД не ја коментираше суштината на објавените документи. Меѓутоа, на 13 април, во врска со случајот беше уапсен Џек Тешеира, член на Националната гарда на Воздухопловната гарда осомничен за откривање на документите.

Тој се соочува со две кривични пријави: неовластено чување и пренесување информации за националната одбрана и неовластено отстранување и задржување на доверливи документи.

Извештаите поврзани со Гутереш и ОН се појавија како дел од мноштвото високо доверливи американски документи кои беа обелоденети и циркулирани на социјалните мрежи со недели. Тие вклучија чувствителни информации за руската војна во Украина, како и информации за сојузниците на САД, вклучувајќи ги Израел, Турција и Јужна Кореја.

Би-би-си првпат минатата недела објави дека Гутереш можеби бил шпиониран, вклучително и неговите приватни разговори со заменик-генералниот секретар Амина Мохамед.

Последниот извештај, објавен вчера од „Вашингтон пост“, го раскажува гневот на Гутереш поради писмото од министерот за надворешни работи на Етиопија во кое се отфрла планот на шефот на ОН да го посети северниот дел на Етиопија во регионот Тигра за време на патувањето во Етиопија во февруари 2023 година за да присуствува на Самитот на Африканската унија.

Гутереш беше во Адис Абеба на патувањето, но не отиде во северна Етиопија.

XS
SM
MD
LG