Полицијата на хавајскиот остров Мауи обелодени имиња на 388 лица за кои сè уште нема никакви информации за нив по шумските пожари.
Во видео изјава објавена доцна во четвртокот, началникот на полицијата во Мауи, Џон Пелетиер, рече дека разбира дека објавувањето на списокот може да предизвика болка кај оние чии најблиски сè уште се водат за исчезнати, но смета дека на овој начин може да се помогне во истрагата.
Списокот ги содржи имињата и точките на контакт за секое пријавено исчезнато лице. Пелетие побара од секој што ќе најде свое име на списокот или со информации за лице на списокот да контактира со полицијата на Мауи или ФБИ.
Асошиетед прес известува дека по шумскиот пожар во 2018 година во Парадајс, Калифорнија, официјалните лица успеале да го намалат списокот на исчезнати луѓе од 1 300 на околу десетина во рок од еден месец по објавувањето на списокот со пријавените исчезнати.
Претходно, официјални лица од округот Мауи рекоа дека сите станбени објекти во зоната на катастрофата биле претресени и тимови почнале да пребаруваат повеќекатни станбени и комерцијални имоти.
Полицискиот оддел претходно соопшти дека во пожарите на 8 август загинале најмалку 115 луѓе, додека не е познат број на оние кои се водат како исчезнати, што ги прави најсмртоносните во САД во повеќе од еден век.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес и Ројтерс.