Дојдоа за да ги видат шесте нови JLTV борбени возила кои се дел од поголемата набавка на ваква опрема од САД, но повеќе зборуваа за судските реформи и какви тие треба да бидат.
Посетата на касарната во Штип се претвори во прес-конференција на премиерот и американската амбасадорка за едно од клучните прашања во земјава – правосудството.
„Јас сум за тоа веднаш да се случат судските реформи и веднаш судството да суди и да ја донесе правдата. Не може да имате рејтинг од 2 процента, јас да би имал рејтин од 2 процента, би си заминал. Тие наместо да си заминат и да има одговорност, тие грчевито се борат за фотелјите. Подготвен сум да зборувам со секој. Со амбасадорот Гир имаме одлична комуникација и за оваа тема. Апсолутно стојам на ставот дека треба нешто да се направи. Не може да продолжиме да живееме во држава во која моќници на ушка им седат на обвинители, а судството има доверба од 2 процента“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Она за што тој се залага е реформата, меѓудругото да опфати и распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, нешто што сериозно ја загрижува меѓународната заедница и беше јасно наведено во минатонеделниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во Македонија.
Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека се потребни реформи, но притоа потенцираше да се внимава какви чекори се преземаат.
„Секоја реформа, вклучувајќи го и Судскиот совет, или воопшто за судството, треба внимателно да се презме. Постои патоказ од ЕУ за ова прашање и ние сме тука за да помогнеме во процесот. Заклучокот е, дали се потребни реформи во судството, – да, апсолутно се потребни“, рече Агелер.
Независното судство и обвинителство се клучни во борбата против корупцијата која пак е приоритет, барем декларативно, на сите изминати влади, но и на американската администрација која како алатка ја има таканаречената „црна листа“.
„Таканаречената црна листа е нешто што нашите закони го бараат, станува збор за динамична листа кој постојано трпи промени. Има многу имиња кои може да се изберат, во моментот неколкумина се разгледуваат од Вашингтон, се следи ситуацијата, немам точен датум кога таа црна листа ќе биде ажурирана, но тоа постојано се прави“, вели Агелер.
Изминатата 2023 на „црната листа“ се најдоа неколку високопрофилирани личности како екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев, бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Сите тие завршија на овој список поради вмешаност во корупција. Вашингтон, преку својата амбасадорка, денеска ја повтори пораката.
„Никој не е над законот и секој треба да сноси одговорност за она што го има направено“, кажа Агелер.