Линкови за пристапност

Новиот секретар за одбрана на САД вети промени и барање одговорност


Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет при пристигнувањето во Пентагон, 27 јануари 2025 година, во близина на Вашингтон
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет при пристигнувањето во Пентагон, 27 јануари 2025 година, во близина на Вашингтон

Новиот секретар за одбрана на САД Пит Хегсет, вети дека ќе дојдат повеќе промени во војската на земјата, пред да влезе во Пентагон денес.

Хегсет, одликуван ветеран и поранешен водител на „Фокс њуз“, беше пречекан пред Пентагон од генералот Чарлс Браун, претседател на Здружениот генералштаб, откако пристигна на својот прв цел работен ден.

Хегсет рече дека служењето како секретар за одбрана е животна привилегија, велејќи им на новинарите дека Одделот за одбрана ќе работи со побрзо темпо.

„Законските наредби на претседателот на САД ќе бидат извршени во Одделот за одбрана брзо и без оправдување“, рече Хегсет.

„Ќе ги повикаме луѓето на одговорност“.

Хегсет ја доби потврдата од Сенатот доцна во петокот со 51-50 гласови, при што потпретседателот Џеј-Ди Венс го реши гласањето.

Тој положи заклетва во саботата и во неделата разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во она што Пентагон го опиша како „воведен повик“.

Хегсет рече дека претседателот Доналд Трамп се очекува денес да потпише дополнителни извршни наредби кои ќе влијаат на војската, вклучително и наредби со кои се бара американска верзија на израелскиот ракетен одбранбен систем, отстранување на сите иницијативи за различност, правичност и инклузивност во Пентагон и враќање на војниците принудени да ја напуштат војската откако одбија да ја добијат вакцината против ковид-19.

Хегсет, исто така, рече дека Пентагон ќе се погрижи Трамп да ги има сите ресурси потребни за обезбедување на јужната граница на САД.

„Се` што е потребно на границата ќе биде обезбедено“, рече секретарот за одбрана.

„Ова е промена. Тоа не е начинот на кој се работеше во минатото“.

„Одделот за одбрана ќе ја поддржи одбраната на територијалниот интегритет на САД, јужната граница, со вклучување на резервисти, Национална гарда и активна должност во согласност со Уставот и законите на нашата земја и директивите на врховниот командант“, додаде тој.

Запрашан за судбината на Авганистанците кои работеа заедно со САД пред повлекувањето на САД во август 2021 година, Хегсет рече:

„Ќе се погрижиме да има одговорност за она што се случи во Авганистан и да стоиме на страната на нашите сојузници“.

XS
SM
MD
LG