Линкови за пристапност

Трамп избра водител на „Фокс њуз“ за Пентагон, а Маск и Рамасвами за нов оддел за ефикасност на владата


Трамп рече дека ќе го номинира водителот на Фокс њуз Пит Хегсет за секретар за одбрана.
Трамп рече дека ќе го номинира водителот на Фокс њуз Пит Хегсет за секретар за одбрана.

ЊУЈОРК - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп продолжи да ги пополнува клучните позиции во неговата втора администрација, главно избирајќи соработници и сојузници кои силно го поддржуваа за време на кампањата за овогодинешните претседателски избори.

Во вторникот Трамп рече дека ќе го номинира водителот на Фокс њуз Пит Хегсет за секретар за одбрана. „Пит е силен, паметен и најпрво верува во Америка“, рече поранешниот и иден претседател.

„Со Пит на чело, американските непријатели ќе бидат во дефанзива - нашата војска повторно ќе биде одлична и Америка никогаш нема да попушта“, рече Трамп во изјавата.

Хегсет е ветеран на Националната гарда и служел, според неговата веб-страница, во Авганистан, Ирак и Гвантанамо, Куба.

Хегсет изјави дека ја напуштил војската во 2021 година, откако војската го означила како екстремист, која повеќе не го сакала во своите редови.

„Мислењето беше взаемно - не ја сакав повеќе таа војска“, напиша Хегсет во својата книга „Војната против воините: зад предавството на мажите кои нè чуваат слободни“.

Тој, исто така, напиша дека идниот американски претседател мора радикално „да го смени лидерството на Пентагон за да не подготви да ја браниме нашата нација и да ги победиме нашите непријатели“.

„Многу луѓе треба да бидат отпуштени“, напиша Хегсет.

Доколку биде потврден во Сенатот, тој би можел да го исполни ветувањето на Трамп дека ќе ги отпушти генералите што ги обвини дека спроведуваат прогресивна политика кон малцинската и родовата различност, а кои беа осудени од конзервативците, пренесува Ројтерс.

Маск и Рамасвами - задолжени за ефикасноста на владата

Трамп, исто така, рече дека ги назначил милијардерот Илон Маск и поранешниот ривал во републиканската претседателска трка Вивек Рамасвами да го предводат „секретаријатот за владина ефикасност“ или „DOGE“. Тој секретаријат не постои, но Маск и Рамасвами ќе работат надвор од владата и ќе даваат „совети и насоки“, рече Трамп на својата социјална мрежа, пренесува АП.

Тој најави дека Маск и Рамасвами ќе соработуваат со претставници на Белата куќа на „структурни реформи од големи размери“.

„Овие двајца извонредни Американци ќе го отворат патот за мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да ги елиминира прекумерните регулативи, да ги намали непотребните трошоци и да ги реструктуира федералните агенции“, рече Трамп, додавајќи дека нивната мисија ќе биде завршена до 4 јули 2026 година и дека помалку и поефикасна влада да биде „подарок“ за САД, на 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност.

Со оглед на тоа што не е фактичка владина агенција, се уште не се знае како ќе функционира. Со овие назначувања Трамп награди двајца поддржувачи од приватниот сектор, пренесува Ројтерс.

Маск е сопственик на Тесла, Икс и Спејс-икс, а Рамасвами е основач на фармацевтска компанија.

Маск исто така даде десетици милиони долари за кампањата на Трамп и зборуваше на неговите митинзи. Акронимот за Секретаријат - DOGE - се совпаѓа со името на криптовалутата Dogecoin, што ја промовира Маск.

Трамп претходно го номинираше поранешниот директор на Националното разузнавање Џон Ретклиф за директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).

Ретклиф, близок соработник на Трамп, беше директор за разузнавање на крајот од првиот мандат на новоизбраниот претседател. Тој беше потврден на позицијата во мај 2020 година, осум месеци пред Трамп да ја напушти функцијата. Ниту еден демократ во Сенатот не го поддржа. Ретклиф е поранешен конгресмен и секретар за правда на Тексас, пренесува Ројтерс.

XS
SM
MD
LG