Линкови за пристапност

Нови санкции против Нигер по пучот на војската


Денес беа воведени дополнителни санкции против Нигер, неколку часа откако неговите воени лидери ги отфрлија најновите дипломатски напори на заедничката делегација од западноафриканските држави, Африканската унија и Обединетите нации.

Водачите на хунтата го одбија влезот на делегацијата, велејќи дека „климата на загрозена агресија“ го оневозможила разговорот за ставање крај на уставната криза во Нигер, каде членовите на претседателската гарда ја презедоа контролата и продолжуваат да го држат во притвор демократски избраниот претседател Мохамед Базум и неговото семејство.

Западноафриканскиот регионален блок познат како ЕКОВАС се закани со воена интервенција во Нигер доколку Базум не биде вратен на функцијата, иако крајниот рок во неделата за лидерите на пучистите да се усогласат помина без акција.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент денес рече дека САД се` уште имаат надеж да го поништат пучот во Нигер, но се „реални“.

„Сè уште имаме надеж, но исто така сме многу реални“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

„Имаме надеж дека ситуацијата ќе биде променета, но во исто време, јасно ставаме до знаење, вклучително и во директни разговори со самите водачи на хунтата, какви се последиците од неуспехот да се врати уставниот поредок“.

Во понеделникот, Викторија Нуланд, државен потсекретар на САД за политички прашања, на социјалната медиумска платформа Х, порано позната како Твитер, изрази „голема загриженост за недемократските обиди за преземање на власта и побара враќање на уставниот поредок“.

Нуланд ги опиша нејзините разговори со бригадниот генерал Муса Салау Барму, самопрогласениот началник на одбраната на Нигер, како „исклучително искрени и, понекогаш, доста тешки“.

Нигерискиот претседател Бола Тинубу нареди нови санкции преку нигериската централна банка насочени кон оние кои се вклучени во преземањето, изјави претседателскиот портпарол.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG