Линкови за пристапност

Сеул: брзо и отсечно на секаква провокација од Пјонгјанг


Претседателката на Јужна Кореја, Парк Гун-хе
Претседателката на Јужна Кореја, Парк Гун-хе

Јужнокорејската претседателка вели дека мошне сериозно ја третира редицата закани од Северна Кореја.

Новата јужнокорејска претседателка вели дека мошне сериозно ја третира редицата закани од Северна Кореја, за која многумина стравуваат дека би можела да доведе до судир.

На денешната средба со виши одбранбени претставници, Парк Гун-хе им наредила да одговорат брзо и отсечно на секаква провокација од Северна Кореја, и тоа без оглед на политичките последици.

Нејзината реакција дојде во време кога Собранието на Северна Кореја, кое автоматски ги усвојува одлуките на државниот врв, ја одржа својата годишна сесија. Вчера, партиските водачи се заложија дека ќе го прошират нуклеарниот арсенал.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА денес јави дека Пак Понг Џу ќе го замени Че Јонг Рим на местото премиер. Пак, за кој се верува дека претпочита економски реформи од кинески стил, беше сменет од истата позиција во 2007-ма.

Северна Кореја неодамна ја зголеми напнатоста со повеќекратни закани против Јужна Кореја и САД, гневна на заедничката воена вежба на овие две земји, како и поради заострените санкции на ОН што стапија на сила откако властите во Пјонгјанг извршија трето по ред нуклеарно тестирање.

Вчера, два авиона од типот Ф-22 раптор на американското воено воздухопловство полетаа од базата на јапонскиот остров Окинава и слетаа во база на 65-километри јужно од Сеул. Овие стелт-борбени авиони учествуваат во вежбата што ќе трае до крајот на овој месец.
XS
SM
MD
LG