Линкови за пристапност

Имаме тешка, но благородна задача


Коментира генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиското оружје, по повод добивањето на Нобеловата награда за мир.

Организацијата за забрана на хемиското оружје, која во моментов работи на уништување на сирискиот хемиски арсенал, ја доби Нобеловата награда за мир за оваа година.

Објавувајќи ја веста, Нобеловиот комитет ја истакна Организацијата за “долготрајните напори за елиминирање на хемиското оружје“.

За генералниот директор на Организацијата, Ахмет Узумчу, наградата е голема чест.

“Ние сме мала организација, која преку 16 години и настрана од меѓународниот публицитет ја носи тешката, но благородна задача да биде чувар на глобалната забрана за хемиско оружје“, изјави Узумчу.

Ние сме мала организација, која преку 16 години и настрана од меѓународниот публицитет ја носи тешката, но благородна задача да биде чувар на глобалната забрана за хемиско оружје
Ахмет Узумчу
Организацијата со седиште во Хаг беше основана во 1997-ма година за да се грижи за примената на Меѓународната конвенција за хемиско оружје.

Нобеловиот комитет во соопштението за доделувањето на наградата наведува дека работата на Организацијата помогнала употребата на хемиското оружје да се дефинира како табу според меѓународното право. Комитетот додава и дека неодамнешните настани во Сирија, каде беше употребен отровен гас против цивилите, ја подвлекуваат потребата да зајакнат напорите да се стави крај на хемиското оружје.

Организацијата се финансира од земјите-членки и има буџет од околу 100 милиони долари. Во нејзиниот штаб во Хаг работат приближно 500 лица. Таа самата наведува дека досега извршила над 5.000 инспекции во 86 земји, како и дека направила инвентар и верификувала 100% од пријавениот хемиски арсенал.

Американскиот државен секретар го пофали овогодишниот добитник на Нобеловата награда за мир за, како што кажа, преземените несекојдневни мерки во Сирија против безобѕирното кршење на меѓународните норми.

Но, изборот на организацијата за добитник наиде и на критика.

Салман Шаик, директор на Центарот Доха на Институтот Брукингс, преку Твитер порача: „Да бидеме на чисто – Кери, Лавров и Асад и` помогнаа на Организацијата да победи. Се сомневам дека многумина знаеја за неа претходно“.

Директорот на Бејрутската канцеларија на Хјуман рајтс воч, Надим Хури, исто така преку Твитер, коментираше: „Мислев дека 2013-та ќе беше година за Организацијата да трага по својата цел, а не да добие признание“.

Изборот за некои е изненадување, бидејќи како фаворит се наведуваше 16-годишната Малала Јусафзаи, која Талебан се обиде да ја убие поради тоа што се залага за образование на жените во Пакистан. Таа вчера ја доби Наградата Сахаров за Слободата на размислување, што ја доделува Европскиот парламент.

Меѓу претходните добитници на Нобеловата награда за мир се Европската унија, американскиот претседател Барак Обама, бурманската демократска активистка Ан Сан Су Чи, како и полскиот синдикален водач Лех Валенса.
XS
SM
MD
LG