Линкови за пристапност

Планот за џамија близу „грауд зиро“ ги разгоре политичките страсти во САД


Планот за џамија близу „грауд зиро“ ги разгоре политичките страсти во САД
Планот за џамија близу „грауд зиро“ ги разгоре политичките страсти во САД

Џамијата би била дел од исламски центар од 100 милиони долари што би имал и аудиториум со 500 седишта

Планот за изградба на исламски центар што вклучува и џамија во близина на „граунд зиро“ во Њујорк, местото на терористичките напади од 2001-ва, ги разгоре политичките страсти во САД и се најде на насловните страници.

Во контекст на ситуацијата, гувернерот на сојузната држава Њујорк Дејвид Патерсон планира да се сретне со иницијаторите на проектот за евентуална изградба на центарот на некое друго место. Петерсон претходно се сретна со њујоршкиот конгресмен – републиканец Питер Кинг, кој е против изградба на џамија близу „граунд зиро“.

Претседателот Обама деновиве изјави дека го поддржува правото на муслиманите да ја практикуваат верата како и секој друг во САД, вклучително и правото да изградат верски објект и центар за заедницата на приватен имот близу „граунд зиро“. Па сепак, тој подоцна кажа и дека нема да коментира на „мудроста“ на таквиот потег.

Организацијата Муслиманско американско здружение за слобода вторникот предупреди на „растечки тренд“ против изградба на џамии ширум земјата. Директорот на организацијата Махди Брај наведе дека имало такви случаи и во други делови на градот Њујорк, како и во сојузните држави Алабама, Калифорнија, Флорида, Тенеси и Висконсин.

Водачот на мнозинството во Сенатот, демократот Хари Рид, понеделникот кажа дека е „мошне јасно“ дека предложената џамија близу „граунд зиро“ треба да се изгради на друго место. Рид се наоѓа во тесна трка за реизбор во ноември.

Републиканците остро реагираа на планот за исламскиот центар. Сенаторот Џон Корнин кажа дека е „немудро“ да се гради џамија во близина на местото каде загинаа над 2.600 Американци, а за Обама кажа дека е „исклучен од главниот тек на Америка“ поради поддршката за изградбата.

Противниците на идејата сметаат дека подигањето ан џамија е израз на непочитување за загинатите. Поддржувачите, пак, тврдат дека тоа ќе помогне да се премостат поделбите меѓу Западот и муслиманскиот свет, а подвлекуваат и дека нападите ги извршија терористи кои не го претставуваат исламот.

Градоначалникот на Њујорк смета дека би претставувало „жален ден за Америка“ доколку противниците го блокираат планот за џамија.

Џамијата би била дел од исламски центар од 100 милиони долари што би имал и аудиториум со 500 седишта, спортски терени, театар и ресторан, а би бил отворен за сите.

Гувернерот на Њујорк веќе понуди државна помош доколку иницијаторите го изградат центарот на друга локација, но тие одбија.

XS
SM
MD
LG